
ББЦ тврди дека ги пронашла и ги идентификувала двете преостанати Бугарки вмешани во софистицираната руската шпионска мрежа во Британија, која следела новинари и политичари и планирала киднапирања и ликвидации.
Цветелина Генчева работи на аеродром во Софија, а Цветанка Дончева живее во Виена.
Шест други бугарски државјани од синџирот во Лондон ја чекаат пресудата за шпионирање во полза на Русија. Тројца ја признале вината – водачот на групата Орлин Русев, Бисер Џамбазов и Иван Стојанов. Уште тројца – Вања Габерова, Катрин Иванова и Тихомир Иванчев по судски процес беа прогласени за виновни за учество во една од најобемните странски разузнавачки операции во Британија.
Полицијата опишува дека методите на мрежата биле како од филмски трилер. Девојките им поставувале „медени стапици“ на жртвите, ги следеле буквално во чекор и флертувале со нив преку социјалните мрежи. Габерова работела во салон за убавина, а Иванчев како декоратер. Стојанов бил курир, а Џамбазов и Иванова дејствувале како двојка.
Нивни жртви во периодот од 2020 до 2023 година биле истакнатите новинари Христо Грозев и Роман Доброхотов, кои ги разоткрија обидите на Русија со нервни отрови да ги ликвидира двојниот агент Сергеј Скрипал во Салисбери во 2018 година и опозицискиот лидер Алексеј Навални во 2020 година. Во Австрија следени биле истражувачка новинарка и шефот на тајната служба. Групата се уфрлила во американска воена база во Германија.
Операциите ги координирал Орлин Русев од луксузна вила со 33 соби во Норфолк. При претресот таму било пронајдено „богатство“ од современа шпионска опрема – од микрофони скриени во очила, до микрокамери поставени во вратоврска, во лажен камен или во кадифени играчки „мињони“. Во истрагата полицијата проверила 221 мобилен телефон, 495 сим-картички, 11 дронови и низа електронски уреди за прислушување и следење.
Задачата на Габерова, на пример, била да го шармира Грозев преку контакт на социјалните мрежи. Мисијата во американската воена база била да се идентификуваат украинските војници што се на обука.
Врската на Русев со Русија ја одржувал австрискиот државјанин Јан Маршалек, по кој Германија има распишано потерница поради финансиски измами. Тој е во егзил во Москва.
Цветелина Генчева од Софија и Цветанка Дончева од Виена одбиле да коментираат било што за ББЦ, но репортерите, врз основа на адресите тврдат дека тие се преостанатите две алки од шпионскиот синџир.
Вработувањето на аеродромот во Софија ѝ овозможило на „Цветка“ Генчева да ја следи платформата Амадеус за закажување летови и така полесно да ги следи потенцијалните жртви. Бугарски извори потврдиле за ББЦ дека на службите за безбедност им е познато дека таа е под сомнение во Британија, но дека не е покренато обвинение.
Дончева алијас „Цвети“ била вклучена во следењето новинарот Грозев во Виена. Таа изнајмила стан спроти неговиот дом за да може постојано да го снима. Ги следела и шефот на австриската тајна служба Имар Хајџави-Пирхнер и новинарката Ана Талхамер, уредничка на магазинот „Профил“, која објавувала текстови за руски разузнавачки операции. Невработената Дончева во декември била приведена од австриската полиција поради „сомневања за тајно разузнавање“, но по сослушувањето била пуштена на слобода. Обвинителите оцениле дека како „социјално интегрирана“ во австриското општество и поради грижата за својата мајка не претставува ризик.
Репортерите на ББЦ ја забележале на улица и ѝ се претставиле, но таа одбила да разговара и негирала дека е Цветанка Дончева. Сепак, по 20 минути таа влегла на адресата на која е регистрирана Дончева.
Новинарката Талхамер вели дека е гневна и исплашена: „Живеам сама со ќерка ми. Не е баш убава помислата дека државата не се грижи ако некој им се заканува на новинари, на политичари или на кого било“.
Тоа е особено незгодно во Виена, опишана од Талхамер како „главен град на шпионите“.
Не ми е јасно како е возможно да биде ослободено лицето што ме шпионираше. Можеби не треба да веруваат во сè што ќе кажат шпиони, забележува Талхамер.