
Договорот за соработка им овозможува на САД да имаат пристап до три воздухопловни бази на територијата на Данска и да изградат свои. Во нив, освен регуларни војници и оружје, ќе може да испраќаат вооружени припадници на приватни воени компании. Американската војска ќе биде одговорна за спроведување на законите на териториите на базите „до одреден степен“.
Ова е огромен пораз за Данците. Договорот значи дека во Данска ќе има области под американска јурисдикција, во кои на пример ќе можат да носат и да малтретираат затвореници, а данските власти не можат да вршат контрола, предупреди Пеле Драгстед, лидерот на Партијата за единство.
Договорот сепак беше изгласан со 94 наспроти 11 гласа. Министерот за правда Петер Хумелгард тврди дека данските власти ќе имаат примарна одговорност за безбедноста во делови од базите опфатени со договорот.
Копенхаген и Вашингтон го постигнаа контроверзниот договор во декември 2023 година, во времето на администрацијата на Џо Бајден. Премиерката Мете Фредериксен тогаш тврдеше дека е важно военото приближување на двете земји, кои се партнери во НАТО.
Нема закана од претерана вмешаност на САД во Европа. Напротив, ризикот е дека САД ќе се повлечат и ќе ги преместат трупите или ќе ги запрат донациите за Украина, изјави тогаш премиерката.
Односите значително се променија откако Доналд Трамп победи на претседателските избори една година подоцна. Тој се закани со присвојување на Гренланд, кој е данска територија, дури и на сила ако е потребно.
Министерот за надворешни работи Ларс Леке Расмусен одговори дека Данска го задржува правото итно да го поништи договорот ако САД се обидат да го анектираат Гренланд или негови делови.