Се повеќе научници јавно тврдат дека агенцијата на О.Н. не е дорасната за задачата и не треба да биде таа што ќе ја води истрагата, и дека таа треба да биде широка, независна анализа, повеќе налик на онаа по експлозијата во Чернобил во 1986.
Истрагата за која сега се подготвува СЗО е следна фаза на истрагата завршена во март годинава, која заклучи дека е „екстремно неверојатно“ дека вирусот протекол од лабораторија. Следната фаза ќе се обиде подетално да ги истражи првите човечки случаи на вирусот и да утврди кои животни се одговорни.
Меѓутоа додека СЗО се спрема за следна фаза, на глобално ниво, а посебно во САД, се повеќе на сила добива теоријата дека вирусот е вештачки создаден во лабораторија, додека американскиот претседател им даде 90 дена на своите разузнавачки служби да ја проценат веројатноста за ова.
Неодамнешните изјави на високи функционери на СЗО дека организацијата работи со „убедување“ и нема сила за да ја присили Кина на соработка, беа протолкувани како доказ дека истрагата на СЗО е осудена на пропаст.
„Никогаш нема да го најдеме потеклото ако се потпираме на СЗО. Година и пол тие се блокирани од Кина, и многу е јасно дека тие нема да стигнат до дното на истрагата,“ изјавил директорот на СЗО центарот во Џорџтаун универзитетот, Лоренс Гостин.
Неговиот став е дека САД и останатите држави можат или да ги спојат сите информации што ги имаат, или да ги изменат меѓународните закони за да му ја дадат на СЗО силата што му е потребна или да создадат нов ентитет што ќе ја спроведе истрагата.
За молекуларниот биолог од Рутгерс Универзитетот, истрагата е фарса и утврдувањето на тоа дали вирусот е пренесен од животно или избегал од лабораторија е повеќе од научно прашање и има политичка димензија вон експертизата на СЗО.
Дел од научните експертски предлози се алтернативна истрага спроведена од група од седум индустријализирани нации, а професор од Универзитетот Колумбија бара САД да бидат отворени и нивните научници да подлежат на ригорозна истрага како и кинеските.
„САД беше длабоко вмешан во експериментите во лабораториите во Вухан. Ставот дека Кина се однесува лошо е погрешна премиса за почеток на истрагата. Ако лабораторијата некако беше одговорна за пандемијата, веројатноста дека и американски и кинески научници заедно работат на научна иницијатива е многу висока,“ порачува професорот од Универзитетот Колумбија, Џефри Сакс.