Ужас во Кран Монтана:

Барот пламнал од пиротехника, младите не можеле да избегаат

Игнорирањето на мерките и протоколите за безбедност во ноќниот клуб Le Constellation во Кран Монтана е главната причина за десетиците загинати во пожарот на пречекот на Новата година. Никој не спроведувал контроли. Пожарот избувнал од прскалки, а над 200 гости се туркале низ тесен ходник до излезот. Загинаа најмалку 47 луѓе, претежно млади, а над 100 се повредени.

Токму спроти новогодишната ноќ, полиција во Кран Монтана забранила употреба на огномети во регионот, бидејќи поради сушниот период бил зголемен ризикот од случаен пожар.

Ретко кој ја почитувал забраната. Новата 2026 година во швајцарскиот зимски центар била пречекана со огномети.

Тука нема многу правила. Имаме апарати за гаснење пожар, но колку што се сеќавам немало противпожарни вежби или тестови. Никој не ги смета мерките за сериозни. Многумина сопственици ги игнорираат сите правила, какви и да се. Никој не проверува. Никој не прави инспекција, вели сопственик на бар во Кран Монтана.

Снимки од барот Le Constellation непосредно пред пожарот покажуваат како хостеси носат шишиња шампањско со запалени прскалки на искри. Прскалка од келнерка качена на рамења на шанкер ја потпалила изолацијата на таванот, по што огнот брзо се проширил во затворениот простор.

Нема апсолутно нема никакви докази дека ова било терористички напад, изјави претставничката на регионалната полиција, Беатрис Пију.

Отфрлени се првичните извештаи дека пожарот почнал по експлозија. Пожарникарите тврдат дека силната детонација во барот била последица, а не причина за пожарот.

Многу луѓе загинале бидејќи не можеле да се пробијат кон излезот. Прославата била во сутеренот и единствениот пат до излезот биле тесни скали. Некои се извлекле низ прозорците откако ги скршиле стаклата.

Повеќето од загинатите и повредените биле млади луѓе. Во Сион се згрижени 60 повредени. Оние со најтешки изгореници се префрлени на Универзитетската клиника во Лозана. Таму се згрижени 22 лица, на возраст меѓу 16 и 26 години. 

Мештаните го опишуваат Le Constellation како популарно место за ноќни забави во градот, особено за туристите и сезонските гости. Барот бил во сопственост на француска двојка со потекло од Корзика. Го почнале бизнисот пред десетина години. Сопственичката била во барот на новогодишната забава и сега е во болница со изгореници.

Претседателот Ги Пармелин објави петдневна национална жалост.

Ова е една од најголемите трагедии во историјата на Швајцарија. Изгубивме многу млади животи, изјави претседателот.

2 јануари 2026 - 09:03