Бајден почна да шмелца на работа

Тоа што веројатно не е до Бајден туку е до годините, 78, не го смирува американскиот а и глобален страв околу капацитетите на човекот што треба да биде „главен“ на планетава.

Последниот гаф што му го фатија на Бајден е кога на вчерашното обраќање по повод Денот на жената (целиот клип тука) не можеше да се сети како се вика „типот“ што раководи со таа таму „екипата“. Типот е министерот за одбрана на Бајден, Лојд Остин, а екипата е министерството за одбрана на САД, или популарно - Пентагон.

Претходно кон крајот на февруари излезе видео од Бајден како сам се корегира во обид да не му се изгуби мислата.

Во понеделникот Вашингтон пост забележа дека потпретседателката на САД, Камала Харис, презема „невообичаено голема улога“ во оформување на надворешната политика на Бајден, и дека веќе има разговарано со шест светски лидери независно од Бајден и била „гласен учесник во одлучувањето за тоа како да се одговори на нападите врз американските сили во Ирак, и дали да се воведат санкции против саудискиот престолонаследник за убиството на новинарот Џамал Кашоги“.

По ова веднаш беа извадени клипови и твитови од претседателската кампања во септември кога демократската двојка по грешка кажува „администрацијата на Харис и Бајден“, наместо на Бајден и Харис како што е по хиерархија.

На почетокот од март, група сенатори од двете партии предложија закон за укинување на одобрението на американскиот претседател на своја рака да наредува воени напади. Предлогот следуваше по гневот на сојузниците на Бајден во Конгресот, заради неговата наредба да се бомбардираат про-ирански воени групи во Сирија. Ваквиот предлог подоцна го поддржа и Бајден.

9 март 2021 - 12:29