Од аудио-материјал од речиси 70 часа, на телевизијата CBS News ѝ биле доставени на увид само два часа. Тоа било доволно за да се потврди дека Бајден чувал доверливи белешки во својот приватен дом.
Нешто од ова можеби е доверливо... Затоа, внимавај. Не сум сигурен... Не е означено како доверливо, ама..., му вели Бајден на Марк Звоницер, кој бил ангажиран да ги бележи неговите мемоари „Вети ми тато: Година на надеж, тешкотии и цел“.
Поради ова се смета дека книгата објавена во 2017 година содржела и доверлив материјал.
На снимка од 10 октомври 2016 година, Бајден му кажува на Звоницер дека поседува белешки за кои ни Белата куќа не знаела.
Имам опсежни белешки од тој период... Не знаеја дека ги имам.
Снимките станаа предмет на интензивна анализа откако во домот и во приватната канцеларија на Бајден беа пронајдени документи означени како доверливи, со датуми од времето кога тој бил потпретседател.

Специјалниот обвинител од Министерството за правда, Роберт Хур, се повика на нив во извештајот од февруари 2024 година за начинот на кој Бајден постапувал со доверливите документи, но во заклучокот не препорача да биде покренато обвинение.
Малку е веројатно дека Министерството за правда би можело да обезбеди осудителна пресуда, делумно затоа што поротниците би застанале на страната на Бајден, доживувајќи го како „симпатичен, добронамерен постар човек со слаба меморија“, истакна Хур.
За време на истрагата, Бајден изјави дека не знае како кутиите со доверливи документи завршиле во неговата гаража.
Но, снимка од 16 февруари 2017 година покажува дека на Звоницер му вели: „Тукушто ги најдов сите доверливи работи долу“. Специјалниот истражител ги цитираше овие зборови како доказ дека Бајден поседувал доверлив материјал во изнајмената куќа во Вирџинија еден месец откако ја напуштил потпретседателската функција.

Хур, исто така, го опиша Бајден како човек што уште од 2016 година тешко се сеќавал на настани, покажувал намалени когнитивни способности и водел „болно бавни“ разговори. На снимките, Бајден понекогаш зборува со прекини и ја губи мислата.
Добро... што сакав да ве прашам? Нешто друго... Ех... хм. О, Боже. Не можам да се сетам на ништо друго, вели во една прилика.
Снимките беа објавени по двегодишна судска битка на „Oversight Project“ – конзервативна непрофитна организација со цел „да ја разоткрие и искорени корупцијата во владата“. Правните застапници на Бајден се обидоа да го спречат објавувањето, но по низа неповолни судски одлуки, одлучија да не го продолжуваат случајот.
Бајден доби аванс од 8 милиони долари за книгата од 2017 година и во ноември планира да објави продолжение: „Вети ми, Америка“, во кое ќе бидат детално опишани неговиот претседателски мандат, кандидатурата за реизбор во 2024 година и одлуката да се повлече.
******
Види и: Објавена снимката со дупките во меморијата на Бајден