
Бајден се мачел да се сети на клучните моменти од својот живот во интервјуто во октомври 2023 година со специјалниот обвинител Роберт Хур, кој истражувал дали претседателот несоодветно поседувал доверливи документи.
Аудио-снимката ја објави порталот Аксиос. Бајден не можел да се сети кога му завршил мандатот како потпретседател ниту во која година починал неговиот син Бо.
По сослушувањето Хур реши да не отвора истрага, иако заклучил дека претседателот навистина непрописно задржал доверлив материјал. Во извештајот во февруари 2024 година Хур го опиша Бајден како „сочувствителен и добронамерен стар човек со слаба меморија“.
Советниците од Белата куќа тогаш ги отфрлаа тврдењата дека Бајден има лошо паметење. Транскриптот од интервјуто беше објавен, но Белата куќа не дозволи да се објави аудио-снимката, оценувајќи ја како „уставно загарантиран материјал“ кој републиканците „сакаат да го монтираат и да го користат за партиски политички цели“.
Објавувањето на извештајот се поклопи со почетокот на претседателската кампања, во која републиканците упорно го напаѓаа Бајден во најслабата точка – неговата возраст и нарушеното ментално здравје. Повторувајќи на секој митинг „Мојата меморија е добра“, Бајден издржа речиси цела кампања, но по низата гафови на сцена и особено по првото директно соочување со противкандидатот Доналд Трамп демократите решија да го сменат со потпретседателката Камала Харис.
Нова книга за состојбата на Бајден во тоа време покажува дека здравјето веќе му било толку многу нарушено, што советниците размислувале дали да дозволат да користи инвалидска количка. Белата куќа сето тоа го прикривала.
Авторите на книгата „Оригинален грев“ - Алекс Томпсон од Аксиос и Џејк Тапер од ЦНН, тврдат дека Бајден не можел да се сети на имињата на свои советници и не можел да го препознае холивудскиот актер Џорџ Клуни. Книгата ќе биде објавена во вторник.
******
Види и:
Белата куќа до гуша во извештајот за проблемите на Бајден?