What a Time to Be Alive

Бајден ќе го гради ѕидот на Трамп

Ѕидот на јужната граница беше една од темите на која либералите најмногу го заебаваа Трамп. Неговиот план со ѕид да се брани од нелегалната миграција беше напаѓан како налудничав, назаден и анти-цивилизациски. Џозеф Бајден сега вели дека нема друга опција освен да продолжи градбата. Во меѓувреме, границата на ден им ја минуваат и преку 10.000 илегалци.

Во еден голем пресврт, администрацијата на Бајден го расчисти патот за изградба на нова делница граничен ѕид во Тексас, со цел да се забави имиграцијата.

Планот е во комплетна спротивност со ветувањето на Бајден дека неговата администрација нема да изгради „ни една педа“ од ѕидот што поранешниот претседател Трамп почна да го дига долж границата меѓу САД и Мексико. Една од првите извршни наредби на Бајден беше да ја запре изградбата на ѕидот кој Белата куќа тогаш го нарече „несериозно политичко решение“.

Сега вели дека законски е обврзан да продолжи со ѕидот заради неприфаќањето на Конгресот парите да се пренаменат за друга цел. 

Трамп овој пенал го дочека победоносно а одлуката ја доживеа како потврда дека цело време бил во право. Сега чека Бајден да му се извини. 

Претходно, Департментот за домашна безбедност соопшти дека ќе се откаже од 26 закони - вклучувајќи го законот за чист воздух и законот за загрозени видови - за да се овозможи продолжување на градбата на ѕидот

„Во моментов постои акутна и итна потреба да се изградат физички бариери во близина на границата на САД со цел да се спречат незаконските влегувања “, изјави секретарот за внатрешна безбедност Алехандро Мајоркас. 

Новата бариера од 27 километри ќе се дига во округот Стар, во Тексас, на што особено се бунат еколозите бидејќи тој округ има драгоцен био-диверзитет.

Во фискалната 2023 година имало 245.000 нелегални преминувања во долината Рио Гранде, а податоците за септември се рекордни.

Во еден ден знаат да влезат и преку 10.000 луѓе, а градовите кои своевремено ги охрабруваа мигрантите да си ја побараат среќата во САД, сега апелираат до нив да не им доаѓаат бидејќи капацитетите им се исцрпени.

****************

Види и:

Ементалер граница

 

6 октомври 2023 - 13:14