„Лесно е да се впери прстот кон Израел, земјата која спроведува блокада на 2,3 милиони жители на Газа, од кои половината се деца. Обидувајќи се да го погледнам ова прашање од секој агол, дојдов до заклучок дека претседателот Џо Бајден, за кого сум организирал собирање донации и сум работел за да биде избран во 2020 година, ја има благословено крајната цел на Израел - етничкото чистење на Палестинците во Газа“.
Администрацијата на Бајден не само што ја дозволува нечовечната блокада одбивајќи да ја осуди, таа активно ја подржува израелската политика да го елиминира Хамас без оглед на бројот на палестинските жртви.
Блинкен упорно се обидува да го рационализира апсурдот, од една страна САД да продолжи да го товари Израел со оружје а од друга, да се претставува дека ги предводи меѓународните напори за прекин на огнот кои Израел ги минира.
Израелската војна веќе одзеде преку 31.000 палестински животи.
Она што денес се случува во Газа, немаше да биде можно без десетиците илјади бомби и наведувачки ракети кои САД ги пратија после седми октомври. Администрацијата на Бајден има организирано преку 100 трансфери на оружје до Израел од кои преку Конгресот минаа само два, користејќи разни механизми да го маскира размерот и фреквентноста на доставата на оружје.
Истовремено, ја паузираше помошта за Агенцијата на ОН (UNRWA), која е најголемото тело за помош во Газа а е таргетирано од Израел со непоткрепени обвинувања дека нивни вработени учествувале во терористичкиот напад од седми октомври.
Сенаторот Крис Ван Холен ваквите обвинувања ги нарече „чисти лаги“ а Европската комисија, Канада, Австралија, Шведска, го продолжија финансирањето на УНВРА. Не и САД кои наместо тоа, приредуваат скап, ризичен и неефикасен политички театар дека самите директно им помагаат на цивилите со што му оставаат простор на Израел да продолжи со блокадата.
Без разлика дали актуелната американска политика е намерно таква или е само знак дека власта е наивна или некомпетентна, Амед Кан верува дека стотици илјади гласачи на Бајден веќе имаат дојдено до логичниот заклучок: Не можеш да тврдиш дека си загрижен за палестинските животи а истовремено активно да учествуваш во нивното истребување.