Азија се олади за руското оружје?

Сликите што доаѓаат од уништувањето во Украина, посебно на руското оружје и машинерија почнуваат да создаваат сомнежи околу квалитетот и издржливоста на производите на руската одбранбена индустрија, пишува кинеските медиуми.

СЦМП (South Shina morning post) пренесува студија од сингапурскиот ИСЕАС-Јусоф Ишак институт, кој открива дека конфликтот во Украина и наштетил на репутацијата на руската одбранбена индустрија во Југоисточна Азија.

Русија во изминатите две децении е најголем извозник на оружје во Југоисточна Азија, меѓутоа од 2014, вредноста на нејзините договори е во постојан пад.

Процената на институтот е дека војната само ги отежнува напорните на одбранбената индустрија за зголемување на продажбата, и најверојатно ќе доведе до дополнителен пад на извозот на оружје во регионот.

„Лошите резултати на бојното поле на руските вооружени сили предизвикаа значителна штета на репутацијата на оружјето и машинеријата од руско производство,“ изјавува авторот на извештајот Иан Стореј.

Наводно, соборувањето на рускиот ловец од четврта генерација СУ-35 со анти-авионска ракета, се очекува да влијае на планот на Виетнам за купување на СУ-35. Сериозен удар за руското реноме беше и уништувањето на крстосувачот Москва во Црното море, кој со ова стана најголемиот воен брод уништен од Втората светска војна до денес. На ова се надоврзуваат десетиците уништени хеликоптери, тенкови и слична опрема, која до сега ги имаше највисоките оценки на различните тестови и проби.

Во одбрана на руската воена опрема, Закари Абуса од вашингтонскиот Нешнл вор колеџ, објаснува дека вистинската грешка не е во руската опрема, туку во „тактиките, некомпетентното лидерство, немотивираните војници и погрешните претпоставки на кои се базираше одлуката за тргнување во војна“.

Врз идните договори ќе влијае и празнењето на руските залихи со секакви видови оружје и муниција, чие пополнување ќе добие предност во однос на вооружувањето на остатокот од светот.

Сериозен проблем за постојните и идните купувачи на руско оружје ќе бидат санкциите воведени од Западот, кои забрануваат испорака на Русија на микро-чипови и општо делови кои би можеле а бидат употребени за воената индустрија и нејзините производи.

Со исклучок на нуклеарно оружје, Русија на своите купувачи и го нуди целосниот опсег на вооружување со кое располага, од воени авиони и подморници, до тенкови и лично вооружување, и тоа главно по цени поевтини отколку оружјето произведено во САД и Европа.