„Азербејџански гас“

Договорите што Европската унија упорно ги потпишува со Азербејџан за снабдување со природен гас, како замена за рускиот гас, на крај пак завршуваат во корист на Русија, пишува Политико.

Магазинот објаснува дека, за сега, не се прават никакви дубари и гасот што стигна до ЕУ од Азербејџан е навистина азербејџански. Меѓутоа цаката е во обемот на гас што земјата мора да и го испорача на Унијата, заради што таа останува кратка за сопствените потреби.

Во пракса ова значи дека Унијата само го префрла товарот од својот на грбот на Азербејџан, кој сега за покривање на домашната потрошувачка почнува да увезува руски гас.

„Азербејџан се обидува да се позиционира себе си како еден од главните партнери на ЕУ. Меѓутоа тие го немаат потребното производство и, во моментов, тие се вон своја категорија,“ објаснуваат експерти.

Ваквото покривање е само една од работите за кои ЕУ треба да за замижи во својата соработка со Баку, кој инаку има обемно досие на прекршување на човекови права и цел еден геноцид на ерменско население во новоосвоените територии кој се премолчува.

Плановите на Азербејџан се до 2033 да го зголеми производството на гас од 37 милијарди кубни метри на 49 милијарди кубни метри.

Минатата недела азербејџанското министерство за енергетика објави дека успеало да ја зголеми продажбата на гас на ЕУ за речиси една милијарда кубици.

Во исто време Азербејџан почна да увезува природен гас од руски Газпром со кој има првичен договор за најмалку 1 милијарда кубни метри. Азербејџан во 2024 исто така купувал и сирова нафта од Русија во вредност од 40 милиони долари месечно.

22 ноември 2024 - 14:22