Моментално ирачката армија речиси и да нема каков било морал, а премиерот Ал-Малики се потпира на неколку десетици илјади доброволци во борбата против ИСИС. Анализите се поделени меѓу тоа дека ирачката армија со текот на времето ја изгубила способноста да се справи со ИСИС или дека таа никогаш не ни можела да го направи тоа.
Со секој пораз борците на ИСИС, челичени во Сирија и во другите војни низ регионот, само го зголемуваат својот арсенал со оружје кое САД и го поклони / продаде на ирачката армија, плус со ресурсите кои армијата ги остава зад себе.
Вчера ИСИС го освои четвртиот град во последните два дена, сега го контролира најголемиот дел од ирачката граница со Сирија и не изгледа како да ќе запре.
"Ужасната ситуација беше видлива во неделата во командниот штаб во Багдад, нервниот центар на безбедноста на главниот град, на која заедно работат министерствата за одбрана и внатрешни работи. Пред осветлената мапа стоеше портпаролот, бригаден генерал Саад Маан, кој покажуваше на огромните пространства надвор од градниците на Багдад, која сега се смета за непријателска територија," објавува Вашингтон Пост.
Њујорк Тајмс објавува дека околу една четвртина од воените сили на Ирак не се подготвени за борба, а ирачките власти моментално најмногу инсистираат на воздушни удари од американската авијација. Најголемиот дел од волонтерите "добиваат безвредна обука од една седмица или помалку, а потоа ги чека комбинација од генерали кои му улизуваат на Малики и низок морал."
На ваквата ситуација во ирачката армија се надополнува и тоа што ИСИС константно ги освојува армиските резерви. Со освојувањето на Мосул, ИСИС го запленија вториот по големина склад со оружје во Ирак.