Амнести ја критикуваше Европа за двојни стандарди кон Газа

Ужасната ситуација во Газа е во фокус на последниот извештај на меѓународниот Амнести во кој се критикуваат Германија (особено шефицата на дипломатијата Аналена Бербок) и другите европски држави за лицемерие и двојни стандарди во однос на тамошните страдања. Израел изведува колективна казна за сите цивили во Газа а Европа со месеци останува на тоа дека е загрижена.

Благодарејќи на таквиот однос на колективниот Запад  „за милиони луѓе во светот Газа денес претставува симбол за моралниот крах на архитектите на пост-воениот поредок и нивниот неуспех да се држат до принципите на универзалност, општа хуманост и посветеност кон заветот„да не се повтори“, се наведува во извештајот.

Извештајот ги нотира ужасните недела извршени од Хамас во нивниот напад од 7-ми октомври, но се оценува дека реакцијата на Израел претставува брутална и недозволива „колективна казна“ со намерно и неселективно бомбардирање цивили и цивилна инфраструктура. Притоа, Хамас не се нарекува терористичка организација со објаснување дека за тој термин не постои прифатена дефиниција  според меѓународното право.

За Палестинците во појасот Газа, се вели во извештајот, ситуацијата денес е далеку понасилна и подеструктивна верзија на „Накба-та“ од 1948 година. Тоа е арапски за „катастрофа“ и Палестинците го користат за времињата на создавањето на државата Израел, војната што следеше и бегството и принудното раселување на палестинскиот народ.

Газа е во центарот на вниманието но во извештајот се зборува и за војната во Украина и онаа во Судан, стандардниот дел за кинеските кршења на човековите права, рестрикциите на женските права во Авганистан и Иран, уназадувањето на правата на глобално ниво...

 

24 април 2024 - 11:00