
Тешко е да се утврди колку точно опрема остави НАТО во Авганистан по неуспешната евакуација на воздухопловната база Баграм. Извештај објавен неколку месеци подоцна говореше дека талибанците заплениле над 300.000 парчиња лесно оружје, 26.000 тешки оружја и 61.000 воени возила. Пентагон ја процени вкупната вредност на 7 милијарди долари. На прославите на своите јубилеи талибанските борци парадираат со „хамви“ и американски пушки.
Трговците со оружје, кои традиционално препродавале калашникови што останале од советската окупација, сега ги наполнија своите залихи со модерна американска воена опрема што ја добиваа и од разбиените владини трупи и од талибанците.
Во сиромашната земја со БДП по жител од 415 години, оружјето е вредна валута. Еден трговец што по промената на режимот го проширил бизнисот и заработил стотици илјади долари, изјави за Unherd дека на пазарот се барани пушки „м-16“ и пиштоли „берета“. Вредна е и ситната опрема, како 160.000 радиостаници и 16.000 ноќни визири. Американските автомати се три до пет пати поскапи од ‘рѓосаните калашникови. Талибанските лидери им дозволуваат на локалните команданти да задржат 20% од оружјето што ќе го запленат. Воениот плен ја обезбедува нивната лојалност и им дава можност да заработат.
Голем дел од оружјето заминува кај приватните трговци, а преку нив кај разни други клиенти, не помалку озлогласени од талибанците. Според неодамнешен извештај на ОН новите власти во Кабул толерираат засолништа и кампови за обука на Ал каеда низ земјата.
Заинтересирани купувачи за квалитетно американско оружје и опрема се и џихадисти од околните земји, кои го користат за терористички напади од Кашмир до Балуџистан.
Ова оружје е пронајдено дури и кај разни групи во земји далеку надвор од Авганистан и регионот, што веројатно ќе стане сериозен проблем во блиска иднина, вели за Unherd поранешен авганистански функционер.
Дел од оружјето оди и кај групата Исламска држава, која го користи против талибанците. Поради тоа властите забраниле нивни борци да продаваат воена опрема, а на приватните трговци им е забрането да продаваат американско оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп уште на првиот состанок на кабинетот го опиша Авганистан како „еден од најголемите продавачи“ на воена опрема и им предложи на талибанците да им го откупи американското оружје. Талибанците брзо ја отфрлија понудата.
Поранешниот функционер тврди дека САД главно немаат проблем со нивното оружје што останало во Авганистан.
Тоа му помага на претседателот Доналд Трамп да ја префрла врз својот претходник Џо Бајден одговорноста за дебаклот од 2021 година, особено ако тоа биде употребено врз американски цели, вели поранешниот функционер.