
Разузнавачките агенции кои учествуваа во истрагата наводно биле поделени околу тоа дали вирусот бил резултат на природно преминување од животни на луѓе или е предизвикан од инцидент во лабораторија.
Извештајот кој допрва деновиве треба да биде официјално објавен е осуден од кинеското министерство за надворешни работи како „анти-наука“ и дека истиот би служел само во политички цели.
Што е до Кинезите за нив се уште важечки е само извештајот од истрагата на СЗО од почетокот на годинава, кој исклучи можност вирусот да е настанат во лабораторијата во Вухан.
Во мај американскиот претседател им даде на разузнавачките агенции 90 дена за да ги анализираат информациите што ги имаат и да објават заеднички извештај „кој би не донел поблиску до крајниот заклучок“ за потеклото на вирусот.
Сепак уште во јуни, директорката на американското национално разузнавање ги стиши надежите дека ќе се дојде до заклучок, изјавувајќи „ние се надевавме дека ќе најдеме клучен доказ, ама тоа може и да не се случи.“
Голем број научници веруваат дека ќе бидат потребни години истражување пред да се стигне до дефинитивниот заклучок за потеклото на вирусот.
Паралелно со ова, Кина се повеќе ја актуелизира приказната дека вирусот потекнува од воената база во САД, Форт Дерик. Базата некогаш беше центар на американската програма за биолошко оружје, а моментално во неа се сместени биомедицински лаборатории кои истражуваат вируси како ебола и сипаници.
Од кинеското министерство за надворешни работи, денес порачаа дека САД треба „да почне да ги кани експертите на СЗО да извршат истрага во Форт Дерик.“
Извештајот му бил испорачан на Бајден во понеделникот, меѓутоа ќе бидат потребни неколку денови за да се состави нецензурирана верзија за јавноста.