
Генералот Вилијам „Хенк“ Тејлор, командант на 8-та американска армија во Јужна Кореја, вели дека дека експериментира со генеративни чет-ботови со вештачка интелигенција за да го „изостри“ процесот на донесување одлуки. Тоа го прави при секојдневните обврски во канцеларија и се воздржува да ја користи на терен.
Чет и јас станавме многу блиски во последно време. Како командант, сакам да бидам сигурен дека донесувам добри одлуки во вистинско време за да имам предност, вели генералот.
Тејлор истражува на кој начин вештачката интелигенција би можела да се вклопи во процесот „OODA loop“. Оваа теорија, развиена од американските борбени пилоти за време на Корејската војна, претпоставува дека решавачката предност на бојното поле ја имаат војниците кои можат да носат решителни одлуки пред непријателот - да набљудуваат, да се ориентираат, да решаваат и да дејствуваат.
Френк Кендал, поранешниот секретар на Воздухопловните сили, лани оцени дека не е толку далеку времето кога вештачката интелигенција ќе решава исходи од битки.
Со напредокот на високо автоматизираните и автономни структури за дејство се скратува времето за ефикасен одговор. Ќе бидеме во свет каде што одлуките нема да се донесуваат со човечка брзина, туку со брзина на машина, изјави Кендал.
Системи со ВИ веќе се вградени во современите беспилотни летала, особено за навигација и идентификување цели. Модел со ВИ управувал модификуван авион Ф-16 во симулирана воздушна битка. Технологијата била користена и за анализа на доктрината на Пентагон и за оптимизирање на логистички и други решенија во заднината.
Вештачката интелигенција може значително да ја подобри способноста на Здружениот Генералштаб да интегрира и анализира глобални воени операции, што на крајот овозможува подобри и побрзи одлуки, изјави во април Бјанка Херлори, шефица за ВИ во Генералштабот.
Но, колку што е повисоко нивото на користење на ВИ во воените сили, толку повеќе се зголемува ризикот од протекување доверливи информации, а особено од донесување погрешни препораки и автономни одлуки, ако машината не е добро обучена.