Резултатите од ваквото истражување на Аксиос/Ипсос го разнишуваат митот дека Американците речиси консензуално се согласуваат во базичните принципи на демократијата како што е изборниот систем, поделба на власта, заштита на малцинските права и слободата на говорот.
Резултатите се и своевиден реалити чек на неодамнешниот говор на Џо Бајден според кој заканите по демократијата се производ единствено на републиканските приврзаници на Доналд Трамп.
Сондажата покажува дека значајно малцинство и од Републиканците и од Демократите поддржуваат недемократски норми во слични проценти. Згора на тоа, Демократите се тие кои во поголем процент поддржуваат идеја претседателот да има моќ да отстранува судии доколку процени дека работат спротивно на националните интереси (42% Демократи наспроти 29% Републиканци).
Речиси 40% Американци веруваат дека владата треба да ја следи волјата на мнозинството дури и на сметка на граѓанските права на етничките и религиозните малцинства. Една третина веруваат дека федералните власти треба да процесираат членови на медиуми кои даваат навредливи или непатриотски изјави.
Помладите од 35 години или оние со семејни приходи под 75.000 долари годишно се најсилната демографска поддршка за авторитарните решенија за проблемите на демократијата.
„Постојат големи анти-демократски чувства, поголеми отколку што очекувавме,“ вели професорот Џастин Гест кој бил советник во истражувањето.
Вредностите како заштита на малцинските права, одвоеноста на црквата и државата и слободата на печатот се клучни темели на демократијата но „далеку сме од тоа дека тие се целосно подржани од Американците, иако се работи за принципи кои би требало да се универзални“, вели професорот кој проучува политики на демографските промени.