Американците губат верба во капитализмот

Поддршката на капиталистичкиот систем во САД никогаш не била помала во изминатите 15 години. Американците денес се изразено позитивно настроени кон ситното претприемништво и стартапите, но се крајно разочарани од големите бизниси за кои поволно мислење имал едвај секој трет човек опфатен со анкетата на Галуп. Кај демократите, пак, социјализмот станува мејнстрим.

Само 54% од Американците го поддржуваат капитализмот, што е најнизок процент откако агенцијата Галуп пред 15 години првпат ги анкетираше граѓаните на оваа тема. Како економски систем капитализмот сè уште не е загрозен од социјализмот и за него позитивна слика имаат мнозинството граѓани, но поддршката е значително намалена, особено меѓу партиски неопределените гласачи.

Во периодот од 1 до 20 август од 1.094 Американци со право на глас било побарано „од прва“ да се произнесат за капитализмот и социјализмот како спротивставени системи. Позитивна слика за капитализмот имале 54%, дури 7 процентни поени помалку отколку во 2010 година и 6 поени помалку отколку на почетокот на оваа деценија. Рејтингот на капитализмот досега бил најнизок во 2018 година (56%).

Расчленето по партии, првпат откако се спроведува оваа анкета позитивно мислење за капитализмот изразиле помалку од една половина традиционални демократски гласачи, едвај 42%, во споредба со 51% од првата анкета, спроведена по Големата рецесија во 2008 година. Поддршката меѓу независните гласачи се намалила на 51% од највисоките 60% во 2010 година. Од друга страна, повеќе републиканци денес (74%) имаат силна поддршка за капитализмот во споредба со 71% во 2010 година. 

Многу подрастични се партиските разлики во однос на поддршката на социјализмот. Поволен став за него имаат 66% од демократите и само 14% од републиканците. 

Испитаниците ги изразиле и своите ставови за слободното претприемништво, за големиот и за малиот бизнис. Имало силна поддршка за малите бизниси (95%) и слободното претприемништво (81%), како и на минатите анкети, но постои негативна перцепција за големиот бизнис, со 37% позитивни и 62% негативни мислења. За споредба, 52% од Американците имале позитивен став за големиот бизнис во 2019 година, а дури 58% во 2012 година. 

Иако Американците имаат генерално позитивни ставови за економскиот систем на САД, тие се помалку позитивни кон него отколку кон слободното претприемништво и малиот бизнис, два специфични аспекти на капитализмот, објаснува аналитичарот Џефри Џонс од Галуп.

Како демократски социјалисти денес во САД се претставуваат сенаторот Берни Сандерс, пратеничката Александра Окасио-Кортез и кандидатот за градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани. Претседателот Доналд Трамп ги нарекува „комунисти“.

Џонс за точка на пресврт во ставовите ја смета 2016 година, кога Трамп првпат победи на претседателските избори.

Социјализмот во политичките наративи Трамп повторно го актуелизираше лани во кампањата, кога упорно тврдеше „Америка никогаш повеќе нема да биде социјалистичка земја“. Од годинава, за социјализмот повеќе се зборува и поради Мамдани.

Мислам дека е поради Трамп и популизмот воопшто, но заслужен е и Берни Сандерс. Во Демократската партија многу идеи типични за социјализмот веќе станаа мејнстрим... Кампањата на Мамдани е рефлексија на денешниот генерален став на демократите, иако социјалисти имало и пред него, вели аналитичарот од Галуп.

Џонс смета дека разликите во резултатите се последица и на генерациските промени. Во 2010 година во поголем број меѓу гласачите биле Американците што ги апсорбирале негативните опишувања на социјализмот од времето на Студената војна. Помладите републикански гласачи се скептични кон социјализмот, но тој не им е толку многу одбивен како на нивните родители.

9 септември 2025 - 15:20