Америка треба да ја отфрли идејата за Украина во НАТО

„Тоа е идеја која со текот на времето станува сè полоша“, вели една анализа објавена во Форбс во која на гео-стратегијата се гледа од чисто американска перспектива. Што е и логично бидејќи ако дојде до конфликт меѓу НАТО и Русија, западните надежи сигурно нема да бидат свртени кон воениот капацитет на една Црна Гора.

Неделава во Киев се сретнаа Порошенко и Столтенберг и си ги разменија вечно вергланите реплики. Порошенко: Украина сака во НАТО; Столтенберг: Ја држиме вратата отворена.

Првиот го потврдува курсот на Украина кон НАТО, дека нема да скршнува, дека вредно ќе работи на исполнување на критериумите... Вториов, Столтенберг, ќе го цитираме, за да сe потсетиме колку се тоа едни те исти формулации кои и ние со децении ги слушаме: 

“НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина во нејзиниот пат кон поблиски односи со НАТО, во имплементирање на реформите и исполнувањето на НАТО стандардите“, ќе рече наизуст првиот човек на Алијансата.

Ако ќемо поштено, Киев е далеку од целта ако таа принципиелно се поврзе со некои стандарди.

* Номинално демократски, претседателот дојде на власт со улична револуција против претходно демократски избраниот - да, корумпиран - претседател.
* И врз сегашната политичка постава украинските олигарси имаат пресудно влијание ( види: Економската поддршка на ЕУ за Украина завршува во рацете на олигарсите),
* Екстремната десница е загрижувачки силна
* Фридом Хаус на Украина ѝ даде очајна оценка: тројка од можни седум за политички и граѓански права и генерална оценка за "делумно слободна земја"
* Последниот извештај на Стејт Департментот со забелешки за Украина се протега на цели 60 страници во кои се нотирани: сериозни кршења на човековите права во конфликтниот Донбас, неказнивост на корупцијата и немање капацитет на институциите за правда, суров третман на затворениците, трговија со секс и принуден труд, напади на новинари, неуспех да се гонат функционери и општа клима на неказнивост.

Скоро па како да читате рецензија за Македонија. На Украина сето тоа многу полесно би и се простило заради - Русија. НАТО одамна го прекрши ветувањето кон Горбачов за неширење до границите на Русија и така упорно тера.

Но, токму таа главна украинска гео-стратешка предност, блискоста до Русија, може да е проблематична од американска перспектива.

„Со оглед на фактот дека САД би го понел главниот товар во евентуален конфликт со нуклеарната Русија, Вашингтон треба да го посматра примањето нови членки во НАТО исклучиво од перспектива дали тоа придонесува кон американската безбедност“, вели Даг Бандоу за Форбс.

Примањето на Црна Гора не го исполнува овој критериум ама па од Црна Гора нема ни некоја штета. Со Украина случајот е поинаков.

„Украина би била голема сигурносна црна дупка за НАТО, особено за Америка. Сè додека на Алијансата ѝ се важни американските интереси, за Украина нема место во неа. Историски Вашингтон не треба да го занима територија која последните два века ги мина како дел од Русија или Советскиот сојуз. Нејзината самостојност беше морално добредојдена но во воена смисла не значеше многу. Конечно, на колку повеќе делови се цепка поранешниот Советски сојуз, толку доминантноста на САД е посигурна“, брутално рационално ќе напише Бандоу. 

Тој оценува дека реакциите на Путин на потезите на Запад се погрешни но барем признава дека и Вашингтон не би реагирал поинаку доколку Русија помогнеше да се сруши некоја про-американска влада во Мексико.

14 јули 2017 - 20:29