
Забраната се воведува една недела пред почетокот на училишните распусти во Франција, за да се заштитат децата од чадот на плажите. Најавена беше за од 1 јули, но стапи на сила вчера, откако одлуката предвремено беше објавена во Службениот весник.
Покрај плажите, забрането е пушење покрај базени, во паркови, на автобуски постојки и 10 метри од училишта и библиотеки. Министерството за здравство наскоро ќе ги обележи забранетите зони, со истакнати казни, од 135 до максимум 700 евра.
Ова е чекор од долгорочната кампања „генерација без тутун“ од 2032 година. Според неодамнешна анкета на јавното мислење, 62% од Французите се за забрана за пушење на јавни места.
Тутунот мора да исчезне од местата каде што има деца. Парковите, плажите и училиштата се места за игра, учење и дишење. Не се за пушење. рече министерката за здравство и семејство, Катрин Вотрен.
Активистите за забрана на пушењето се разочарани поради пропустите во законот. Забраната не важи за терасите и отворените простори во кафулињата и рестораните.
Пушачите и непушачите можат да коегзистираат. Терасите се последните места за дружење и слобода, изјави Франк Труе од здружението за угостителство Хотели и ресторани.
Пулмологот Ив Мартине, претседател на Националниот комитет против пушењето, реагира дека забраната не важи за електронските цигари, кои се особено ризични бидејќи се достапни во повеќе вкусови, што се користи за привлекување на младите генерации.
Во Франција, пасивната изложеност на чад од тутун предизвикува од 3.000 до 5.000 смртни случаи годишно, според официјалните бројки. Агенцијата за зависности OFDT забележува дека стапката на пушење постојано се намалува и сега е на најниско ниво по 2000 година.
Според OFDT, пушењето ја чини државата 156 милијарди евра годишно, сметајќи ги факторите како што се изгубените животи, квалитетот на живот, продуктивноста, превенцијата, спроведувањето на законот и здравствената заштита.