Најголемиот светски производител на телекомуникациска опрема пред некое време беше ставен на црната листа на американскиот департмент за трговија а компаниите од САД беа обврзани да бараат лиценца, со можност барањето да биде игнорирано или одбиено без објаснување.
После средбата со Џинпин и агресивното лобирање на американската индустрија за производство на чипови, Трамп сериозно ретерира. Тој самиот го најави тоа на крајот на минатиот месец а брзината со која департментот за трговија го операционализираше неговиот сигнал сугерира дека ситуацијата оди кон нормала.
Департментот најавува дека иако Хуавеи останува на листата, веќе во рок од две до четири недели ќе почне издавањето лиценци за продолжување на соработката на американските компании со кинескиот партнер. Хуавеи го поздравија потегот но велат дека треба да бидат извадени од црната листа бидејќи на неа и онака се нашле без никаква основа.
Од 70 милијарди долари колку што во 2018 година Хуавеи потроши на набавки, 11 милијарди долари завршија во американски компании како Интел, Квалком и Микрон.