Америка еднаш веќе сруши иранска власт. Научија ли нешто?

Откако демократски избран ирански премиер најави дека ќе ги национализира богатите нафтени полиња, САД и Британија решија тоа да не го дозволат и организираа пуч со кој го срушија. Го oктоираа Реза Пахлави но подоцна, токму корумпираноста на американскиот избор за лидер на Иран, доведе до Исламската револуција и воспоставување на денешната теократска власт. 

Во 1953 година, САД помогнаа во организирање државен удар за соборување на демократски избраниот премиер на Иран, Мохамед Мосадег.

Му беше така пресудено откако на народот му вети дека ќе ги национализира нафтените полиња во земјата, потег што Иранците масовно го прифатија но истовремено и потег што САД и Велика Британија го сметаа за сериозен удар, со оглед на нивната зависност од нафтата од Блискиот Исток.

Сценариото на пучот беше да се поддржи иранскиот монарх, Мохамед Реза Пахлави, да владее како шах на Иран и да се назначи нов премиер, генерал Фазлолах Захеди.

Пред пучот, ЦИА, заедно со Британската тајна разузнавачка служба (СИС), со пропаганда поттикнуваа незадоволство од Мосадек. Помогнаа да се соберат про-шаховските сили и организираа големи протести против Мосадек, на кои наскоро им се придружи и армијата.

Документите подоцна покажаа дека на новиот премиер, ЦИА тајно му доставила милионска сума долари. Во 2013 година беа објавени декласифицирани документи на ЦИА, со кои за прв пат официјално се потврдуваше вмешаноста на агенцијата, но Барак Обама ја призна вмешаноста во пучот уште во 2009 година.

По соборувањето на Мосадек, САД целосно го поддржуваа Пахлави да владее како шах но на гордите Иранци не им беше драго странското мешање, па се роди силно антиамериканско расположение во земјата кое трае со децении.

Кон крајот на 1970-тите, милиони Иранци излегоа на улиците против режимот на Пахлави, кој го сметаа за корумпиран и нелегитимен. Секуларните демонстранти се спротивставија на неговиот авторитаризам, додека исламистичките демонстранти се спротивставија на неговата агенда за модернизација. Шахот беше соборен во Исламската револуција во 1979 година, со која заврши монархијата во земјата поддржана од Западот и се воспостави Исламската Република и клерикалното владеење.

18 јуни 2025 - 15:44