Амазонска прашума жртвувана за самит за климатски промени

Бразил го поплочува патот до самитот за климатски промени со трупци од илјадници исечени заштитени дрвја. Багери ја расчистуваат амазонската прашума за да можат светските лидери, кога во ноември ќе се возат до самитот КОП30 во Белен, да се восхитуваат на убавината на дрвјата што преживеале.

Десетици илјади хектари заштитена амазонска шума се жртвувани за да се олесни пристапот до самитот за климатски промени во Бразил.

Градот Белем во ноември ќе биде домаќин на повеќе од 50.000 учесници на самитот КОП30. Ќе пристигнат и многумина светски лидери. Автопатот треба да им се олесни пристапот до конференцијата и назад до аеродромот.

Делницата од 13 километри е пробиена среде прашума. Како за инает на целта и духот на конференцијата.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва го промовира самитот како историски: „КОП во Амазон, а не КОП за Амазон“. 

Конференцијата е можност за фокусирање на потребите на Амазон, да му се покаже шумата на светот и да се претстави што направила федералната влада за да ја заштити, порача претседателот.

Властите тврдат дека пробивањето на автопатот е „одржлив“ градежен проект, но  локални жители и конзерватори се огорчени од последиците. Бујни дрвја надвиснуваат над трупците од исечената шума и багерите што ја чистат мочурливата почва. 

Локалниот жител Клаудио Верекете заработувал за семејството собирајќи бобинки од акаи. Никој не му понудил отштета за исечените дрвја. Но го загрижува нешто уште пострашно.

Еден ден некој ќе дојде овде и ќе каже: „Еве ви пари, областа ни треба за да изградиме бензинска пумпа или магацин“. И тогаш ќе мора да заминеме. Ние сме родени и израснати овде во заедницата. Каде да одиме? вели Веркете за ББЦ.

Конзерваторите тврдат дека автопатот ќе го фрагментира екосистемот и ќе го блокира движењето на дивиот свет.

Животните нема да можат да преминат, со што се намалуваат површините каде што можат да живеат и да се размножуваат, вели професорката Силвија Сардиња.

Државната влада на Пара ја промовираше идејата за автопатот Liberdade уште во 2012 година. Организацијата на самитот беше клучниот фактор за одобрување многу инфраструктурни проекти оспорени поради последиците за природата.

Државниот секретар за инфраструктура Адлер Силвеира тврди дека ќе има премини за диви животни, патеки за велосипеди и соларно осветлување. Ќе има и нови хотели и ќе се обнови пристаништето за да се сместат вишокот посетители. Федералната влада инвестира повеќе од 81 милиони долари за да го прошири капацитетот на аеродромот. Се гради нов градски парк од 500.000 квадратни метри, со зелени површини, ресторани, спортски комплекс и други објекти.

Бизнисмени очекуваат да профитираат од самитот и десетиците илјади гости. Што ќе биде кога ќе заминат? 

12 март 2025 - 09:43