Алберта бара референдум за независност од Канада

Американскиот претседател Трамп во неделата изјави дека САД нема да употребат сила за да ја направат Канада своја 51-ва сојузна држава. Како што тргнало, и не мора. Канада може самата да се расцепка. Неговата закана, како и победата на либералите на изборите, само го разгоре тивкиот сепаратизам на канадски провинции богати со нафта, кои се чувствуваат игнорирани од владата во Отава.

Премиерката на Алберта, Даниел Смит, најави референдум за отцепување на канадската провинција, ако се соберат доволно голем број потписи на петиција. Смит порача дека лично е за суверена Алберта во обединета Канада, но и дека има сè повеќе жители на провинцијата што не се задоволни со Конфедерацијата.

Огромното мнозинство од овие поединци не се само гласови што треба да бидат маргинализирани. Тие се лојални граѓани на Алберта. Тие се фрустрирани и ги имаат сите причини да бидат, изјави Смит.

Најавата е реакција на новиот предлог-закон, кој ако биде усвоен, ќе ја намали минималната граница за распишување референдум. Гласањето ќе биде задолжително ако петиција потпишат само 10% од регистрираните гласачи, наместо 20% како што е сега, а листата ќе биде отворена 120 наместо 90 дена. За да се распише референдум во Алберта, ќе бидат потребни околу 177.000 потписи на петицијата.

Алберта нема друг избор освен да преземе чекори за борба против децениската непријателска политика на федералните либерали, кои не само што преземаат неправеден дел од богатството на Алберта, туку и ја поткопуваат индустријата за нафта и гас што ја движи нејзината економија, вели Смит.

Таа тврди дека новиот либерален премиер Марк Карни ќе ја претвори Канада во „земја за меѓународен потсмев“.

Имаме најбогати и најпристапни природни ресурси од која било земја, а сепак ги заробуваме, она што го произведуваме му го продаваме на единствен муштерија на југ, додека им овозможуваме на загадувачките диктатури да го јадат нашиот ручек, рече Смит.

Источната франкофонска провинција Квебек два пати организираше референдуми за раздружување од Канада, во 1980 и во 1995 година. И двата пропаднаа. Политичкиот аналитичар Џон Сороски укажува дека референдумите се форма на политички притисок врз Отава за да се издејствува поповолен договор со централните власти.

Не гледам дека Смит сака отцепување, но би било многу корисно за провинцијата да ја чува во џебот идејата дека има голем број незадоволни Албертанци, оцени Сороски.

 

6 мај 2025 - 07:57