Адвокатот од Ѓаволот

Ако Трамп изгуби избори треба да воведе воена состојба

Советот доаѓа од еден од најкарикатуралните ликови во американската политика и прототип за филмски негативец, Роџер Стоун, кој во оваа реалност која ни се падна е и еден од најблиските советници на американскиот претседател.

Да не биде ептен шепкање во уво, ако до сега веќе не се случило, Стоун предлогот до Трамп го обзнанува за време на гостувањето во Инфоварс шоуто на Алекс Џоунс.

Наведувајќи теории околу раното гласање и гласањето преку пошта, кои досега излегоа дека се неточни, Стоун порачал дека Трамп треба да се повика на Законот за востание (од 1807), да ги уапси Клинтонови, поранешниот лидер на мнозинството во Сенатот, Хари Рид, Закерберг, Тим Кук (од Епл) и „секој за кого може да биде докажано дека е вклучен во нелегална активност“.

„Гласачките ливчиња во Невада на вечерта на гласањето треба да бидат запленети од федералните маршали и да бидат одземени од сојузната држава, бидејќи таа е комплетно корумпирана. Ниту еден глас од Невада не треба да биде преброен ако ова може да се докаже. Г-не Претседател, испратете ги федералните маршали во изборниот одбор во областа Кларк,“ порачал Стоун, кој во саботата беше во Невада во исто време со Трамп но на одделен настан.

Гневот кон Невада е што од 2004 таму редовно се гласа и се избираат демократи, меѓутоа годинава изборната трка е многу понеизвесна и по првичното водство на Бајден, сега анкетите се далеку потесни, па сојузната држава би можела да биде една од одлучувачките.

Во интервју од саботата, запрашан околу можните левичарски немири доколку тој победи на изборите во ноември, Трамп изјави дека за само неколку минути би можел да го задуши ова незадоволство „попрво не би испраќал никого, затоа што нема причина за тоа, но кога би морал, ќе го направам тоа и за неколку минути ќе биде задушено, за неколку минути.“

Како за крај, веројатно многу повеќе отколку што треба да знаете за Роџер Стоун имате во документарецот на Нетфликс посветен на него:

14 септември 2020 - 11:59