Ако Ле Пен ја осудија на 4, колку години затвор заслужува Саркози?

Иконата на француската десница, Марин Ле Пен, минатиот понеделник беше осудена на пет години политичка забрана и четири години затвор, од кои две ќе ги мине со електронска алка на нога. Осудена беше за проневера на јавни средства со пресуда која како бомба одекна во Франција и за момент засени еден далеку посимптоматичен, хроничен случај за проневери. Ви текнува на Саркози и Гадафи?

Фото: ЕПА

Финансиското обвинителство на Франција побара седум години затвор, пет години политичка забрана и парична казна од 300.000 евра против поранешниот претседател, Никола Саркози. 

Денес 70 годишниот Саркози се товари за коруптивен договор со „озлогласениот“ либиски диктатор Моамер Гадафи за финансиска поддршка на неговата (победничка) изборна кампања во 2007-ма. 

Обвинителот ја опиша бескрупулозната политичка амбиција на Саркози, додавајќи дека „само казна затвор и цврста парична казна“ би била соодветна за да се заштити општеството. Одбраната ќе треба да се изјасни на 8 април, последниот ден од судењето кое трае три месеци. 

Далеку од тоа дека ова му е сефте на Саркози. Веќе е осуден за незаконско финансирање на неговата кампања во 2012 година, за што се пожали на Апелација. 

Саркози исто така беше осуден на една година затвор (со електронска прангија) за обид да добие „привилегирани и доверливи“ информации од судија. Во тек се и две истраги за „трговија со влијание“ со Русија и „активна и пасивна корупција“ во врска со Светското првенство во Катар во 2022 година. 

И Жак Ширак еднаш беше осуден на двегодишна условна затворска казна за фиктивни работни места во градското собрание на Париз, но во поглед на големата политичка корупција, Саркози е најголемиот капиталец кој Франција го познава. 

Франција не е најкорумпираната земја но проблемот постојано расте. Ако во владата на Оланд 30 посто од функционерите имале компликации со даноци и судови, во владата на Макрон такви се 60%.

А Гадафи најѕверски беше убиен на улица, ама затоа, ене ја Либија денес - „цвета“.

********

Види:

Пророштвото на Гадафи

6 април 2025 - 12:28