Ајатолахот што фрли фатва за САД добил грант за толеранција

Насер Макарем Ширази, еден од двајцата шиитски верски лидери што ги повикаа муслиманите да ја одмаздат смртта на Али Хамнеи, своевремено во Британија формирал добротворна организација и добил грант од 15.000 фунти за промовирање религиозна толеранција. Повикот за крвна одмазда на Хамнеи досега најжестоко одекна во Ирак и во Пакистан.

Откако САД и Израел во заедничка операција во саботата го убија врховниот ирански верски лидер Али Хамнеи, великите ајатоласи Хосеин Нури Хамедани и Насер Макарем Ширази издадоа фатви со кои ги повикуваат муслиманите ширум светот да се одмаздат.

За сите муслимани е задолжителна одмаздата за пролеаната крв на маченичкиот водач на револуцијата. Криминалната Америка и крволочните ционисти стигнаа до крајот на својот пат. Моќните вооружени сили ќе дадат решителен одговор, порача Хамедани пред Собранието на студенти и научници во Ком.

Во својата фатва Ширази ги нарече Израел и САД „најзлобни непријатели на човештвото“.

Барањето одмазда е религиозна должност на сите муслимани ширум светот, за да може злото на овие криминалци да се отстрани од светот, порача Ширази.

Овој велик ајатолах, кој е еден од најважните религиозни водачи во Иран, во 2008 година во Лондон го регистрирал Центарот „Бабул Мурад“. Преку овој центар тој ја основал добротворната организација Меѓународна исламска врска (ИИЛ), која во 2009 година добила грант од 15.000 фунти од локалната заедница Брент, заради промовирање „религиозна толеранција“.

На веб-страницата на добротворната организација Ширази објавувал написи за тоа дека холокаустот е „мит измислен од Евреите за да добијат поддршка за ционистичкиот проект“.

ИИЛ тврди дека ги раскинала сите врски со Ширази, а локалниот совет објави дека нема повеќе да ја финансира добротворната организација поради нејзините врски со Револуционерната гарда на Иран.

Уште пред објавувањето фатва, демонстранти што протестираа поради убиството на Хамнеи ги нападнаа амбасадите и конзулатите на САД во блискоисточните земји. Најжестоки биле протестите пред Конзулатот на САД во пакистанскиот град Карачи, каде што интервенирале маринци и убиле најмалку двајца демонстранти.

Веќе два дена не стивнуваат антиамериканските протести пред Амбасадата на САД во Ирак, во строго заштитената Зелена зона во центарот на Багдад. Ирачката полиција таму користи солзавец против толпата. Амбасадата ги повика Американците итно да се засолнат и да останат на безбедно се додека не добијат поинакви препораки.

Судири избувнаа меѓу проиранските демонстранти и безбедносните сили на островот Ситра во Бахреин, каде што иранската Револуционерна гарда нападна воздухопловна база на САД.
Демонстрантите ги нападнале и саудиските полициски патроли, кои согласно меѓудржавниот договор пристигнале преку мостот што ги поврзува двете земји за да ги засилат силите за безбедност на Бахреин.

Приведени се насилни демонстранти, но и лица обвинети за кибернетски криминал. Тие наводно со алатки со ВИ создавале и ширеле видеа на оштетени домови „со цел да ја доведат јавноста во заблуда и да ги исплашат граѓаните“.

3 март 2026 - 10:21