А што всушност мислат Полјаците?

Деновиве ги гледаме како домаќини на европското првенство во ракомет.  Црвено-бели, бучни, убави и радосни навиваат за своите. Но, како се живее таму, што ги секира и кои се секојдневните жиивотни и и политички дилеми на тие луѓе? Њујорк Тајмс ги праша, ние ќе ви пренесеме, а вие сигурно ќе се пронајдете во некој од нив.

Краток опис на состојбата:

Во Полска се одвива интензивна и жолќна дебата за правецот во кој оди земјата, за Европската Унија, демократијата и слични темелни вредности. Владата ја води десничарската партија Закон и правда (полската кратенка е ПиС) кои вежбаат поголема контрола врз правниот систем, јавните медиуми и сакаат влијателната црква да има поголем удел во секојдневниот живот. На мнозина тоа не им се допаѓа и чувствуваат дека земјата скршнала од негувањето на западните вредности.

На повикот на Њујорк Тајмс да отворат душа се одзвале преку 1.000 Полјаци, ова е дел од шарените одговори кои ги добиле:

ПОДЕЛЕНО ОПШТЕСТВО

Ана Вроњевич, 27, воспитачка во градинка за деца од странство

Тажна сум и шокирана колку брзо и лесно се поделивме на "наши" и "нивни", на "патриоти" и "предавници". Ваквата поделба е апсурдна и не се темели на рационални аргументи, но ѝ одговара на владеачката партија за да можат оние кои имаат моќ да ја одржуваат поделеноста и анимозитетот кај двете страни.

Филип Лачерт, 36, менаџер за пренос во приватна телевизија

Себе се сметам за либерал и иако секогаш гласам, во моментов не постои политичка партија во Полска која ги изразува моите погледи. Главната промена е во атмосферата. Ние сме комплетно поларизирано општество, некои се чувствуваат триумфалистички, некои се загрижени. Но, на мнозинството ништо не им е гајле бидејќи се незаинтересирани за политика и ги презираат политичарите. Ја сум загрижен дека потезите на владата ќе ја ослабнат нашата меѓународна позиција и ќе им наштетат на односите со ЕУ. А тоа ќе ѝ отвори пат на Русија да го прошири своето влијание врз централна Европа.

Адам Сиенко, 26, спортски новинар

Иако не изгледа така, многу работи се сменети. Луѓето излудеа и политички муабети треба да се избегнуваат по секоја цена. Таквите муабети секогаш завршуваат со кавга. За првпат во мојот живот, уморен сум од политика и гледам да ја избегнувам колку што можам.

ПОТСЕТНИЦИ НА СЛОБОДАТА

Грегор Жјелински, 41, психотерапевт

Ова ме тера да се сетам на комунистичките времиња. Владата вели дека сè е во ред но илјадници луѓе на улиците и експерти го тврдат спротивното. За првпат во последниве 26 години, јас и моите пријатели сме загрижени за слободата.

Михал Мадеу, 33, менаџер во Циско

Гласав за ПиС бидејќи верувам дека Полска сè уште се трансфорира од комунизмот и дека тие можат да го окончаат овој процес. 80 проценти од нашите закони се пишуваат во Брисел. Нè учат на "демократија" некои неизбрани комесари на ЕУ. Полскиот народ ја цени слободата над сè и сакаме сами да решаваме за себе. ПиС се далеку од идеални но во моментов се најдобрата опција. Странските влади не ги прифаќаат нашите политички избори бидејќи тоа влијае врз интересите на странските компании кои имаат инвестирано во Полска

БАЈКЕРИ И ВЕГЕТАРИЈАНЦИ

Томаж Сурдиковски, 32, преведувач од француски и докторант по француска литература

Како преведувач кој работи на ЕУ документи и некој кој се грижи за зборовите, снеможен сум од чистата глупост на изјавите кои доаѓаат од актуелната влада. Нашиот министер за транспорт бил длабоко загрижен заради кемтреилс! Нашиот министер за надворешни работи мисли дека возењето точак и вегетаријанството се марксистички! И владее неверојатна бахатост. Поранешен комунистички обвинител ја води иницијативата за распуштање на Уставниот суд. Човек инволвиран во финансиски шеми претседава со комисија за финансии во Сенатот. Престанав да слушам радио и да читам весници.

Марија Павликовкса, 30, копирајтер

Се чувствувам комплетно осамено. Веган сум, велосипедист и атеист. За мене тука нема место. Не можам веќе да ги гледам моите омилени тв станици, градскиот буџет е празен а ние бараме повеќе патеки за точаци. Ги крадат нашите права и правото на различност кои се длабоко вкоренети во полската историја.

СОСТОЈБА НА МЕДУИМИТЕ

Моника Волош, 23, пост-дипломец по филологија

Се плашам дека наскоро јавните медиумите ќе бидат ексклузивно конзервативни и секој поинаков поглед ќе добие третман на чин против законот. Јас сум родена овде во 1993 година, цел живот живеам во слободна и демократска земја и сакам така и да остане.

Михал Шоштак, 27, сервисер и ковач

Не сум фан на ПиС и не ги гласав но гледам значајно подобрување на квалитетот на јавните дебати на телевизија. Теми кои досега беа замолчувани, сега се спомнуваат во сите големи вести (како што е миграцијата од Блискиот исток, анти ЕУ погледите и слично).

ПОДЕМ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Томаж Кмиелевски, 26, бренд маркетинг специјалист

Никогаш не замислував дека ќе бидам дел од демонстрации кои ја бранат демократијата. Досега такви работи имам гледано само на телевизија. Никогаш не очекував дека Полска, која беше европски урнек за демократија, ќе почне и самата да ја губи својата демократија.

Цезари Микалски, 16, средношколец

Полска многу се смени откако ПиС дојдоа на власт, главно на полошо. Но во сето тоа има една позитивна работа - пораст на цивилното општество кое во минатото го немавме вистински. Како нација почнуваме да се бориме за нашата слобода и вредностите во кои веруваме.

СТРАВ ОД ИЗОПШТЕНОСТ

Катарина Андрејевска, 23, студентка

Како лезбејка, уплашена сум за мојот живот и слобода. Се плашам да ја фатам за рака мојата девојка на улица. Се плашиме јавно да зборуваме за нашиот однос. Најмногу од сè се плашиме да не нè претепаат. Сега е тешко време за ЛГБТ заедницата. Целата геј заедница стравува дека промените во Полска ќе доведат до анти-геј закон сличен на оној во Русија.

СТРАНСКИ СТРАВ

Јан Крол, 25, докторант по палеологија

Се надевам дека владата ќе ја обнови полската економија потпирајќи се на она што ние го произведуваме. Денес повеќето фабрики во Полска се исти како оние во Далечниот Исток - места каде што луѓе за мизерни пари склопуваат производи за големи странски компании.

Марк Хол, 58, басист во "Los Gasolineros," бенд составен од странци кои живеат во Полска

Многумина пријатели кои никогаш не ги занимала политиката, одеднаш покажуваат огромно интересирање за неа. Овдешните промени се алармантни и растечката ксенофобија е причина за загриженост кај сите како мене, странци кои решиле овде да го најдат својот дом.

ЗА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Рафал Панасјук, 27, градежен работник

Во мојот секојдневен живот ништо не се сменило. Работам и живеам како и обично. Не гласав ниту за ПиС ниту за Цивилната платформа, но ја подржувам оваа влада. Дополнително ми се бендисува политиката на "крената глава" во однос на Брисел. Можам да ви кажам дека за време на екс премиерот Доналд Туск, мојот живот отиде на полошо. За да се одржам финансиски, морав да емигрирам во Велика Британија и таму да работам. Затоа најдобриот полски премиер за еден просeчен Полјак беше Тони Блер кој ги отвори вратите за нас.

Анџелика Сишевска, 32, агент во транспортна фирма  

Конечно гледам шанса Полска да престане да биде германското "послушно кученце". Со векови Полска беше католичка земја чии вредности ги вознемируваат либералите во ЕУ. Ако оваа влада не потклекне под притисоците на западните политичари, ќе спијам мирно.