Денес на светските тв информативни канали како на лента се редат разни политички експерти и аналитичари кои високоумно разглабаат за тоа како украинската криза е вонредно опасна за глобалната политика и како ова е најсериозната закана за светскиот мир од Студената војна.
Ама денес.
И не е така само на телевизија.
Светскиот економски форум во Давос со право може да се света за crème de la crème на глобалната светска политика. Форум на кој се збираат најголемите и највлијателни луѓе од оваа бранша: државници, политичари, економисти, бизнисмени, мислечки луѓе, медиумски могули....
Давос е место од кое се наслушнуваат сите пораки и сите нијанси во пораките. Таму се проценува каде оди светов, кои се клучните невралгични точки на кои треба да се внимава.
Што би рекол Мисирков, Форумот во Давос е она место на кое се решава: "Шчо напрајфме и шчо треба да напрајме за однапред".
Годинешниов Давос се одржа во јануари. 5.000 најбитни фаци во светот на политиката и бизнисот за собраа со истите горенаведени намери. Собирот се одржа само 5 недели пред ситуацијата во Украина целосно да ескалира.
На годинешниов Давос се разговараше за спиралите во јапонско- кинескиот конфликт, за Палестинско-Израелскиот конфликт и за проблемот со Иран. Тоа беа трите точки кои политичкиот крем ги маркираше како најбитни места во глобалната агенда.
За Украина не кажа никој ништо.