25 милиони Иранци спремни да се жртвуваат за татковината

САД и Израел тврдат дека ја почнале војната против Иран за да им помогнат на Иранците да се „ослободат“ од режимот и тиранијата. Го постигнаа сосема спротивното. Над 25 милиони Иранци од сите етнички и верски заедници се регистрирале за „Џан Фада“, спремни да го жртвуваат сопствениот живот за да ја одбранат татковината од агресорите.

Кампањата Џан Фада што во слободен превод значи „го жртвувам својот живот“ е само поддржана од државата и не е задолжителна регрутација за активните или резервните воени сили.

Повикот за Џан Фада бил објавен на националната телевизија и бил испратен до сите корисници на мобилни телефони на 29 март, по првите извештаи дека кон Персискиот залив тргнале американски десантни бродови со повеќе од 3.500 марници. Претседателот на парламентот Мохамед Галибаф ги обвини САД дека планираат копнена инвазија против Исламската Република.

Непријателот јавно испраќа пораки за преговори и дијалог, додека тајно планира копнен напад. Нашите луѓе чекаат пристигнување на американските војници на терен за да ги запалат и да ги казнат своите регионални сојузници еднаш засекогаш, порача Галибаф во обраќање до јавноста.

За само две недели, повикот за жртвување на животот го прифатиле повеќе од 21 милион Иранци. До вчера за Џан Фада се регистрирале 25.468.350 луѓе, кои ги запишале своите имиња, телефонски броеви и место на живеење за да бидат повикани ако има потреба да ја бранат земјата. Самото пријавување не носи никаква воена обврска.

Она што ја издвојува оваа кампања не е само нејзиниот обем, туку и длабочината на значењето: јавно декларирање за подготвеност да се брани татковината на кој било можен начин. На движењето се приклучија спортисти, свештеници и политички функционери, кои ја шират кампањата преку јавни настапи и пораки на социјалните мрежи, дури и далеку од границите на Иран.

Не можам директно да учествувам од тука, но ве молам вас да го запишете и моето име. Сакам да учествувам во одбраната на мојата татковина, порачал Иранец кој живее во Франција.

Ова не е ништо ново за Иранците, кои многу пати низ историјата се здружувале за да се бранат од надворешните закани. Сличен одѕив имало и во 1979 година, кога земјата се соочи со војна против Ирак. Млади и стари, мажи и жени, секој се пријавил за да придонесе на свој начин.

Масовноста уште повеќе го охрабрува новото раководство да не попушта во војната и да заземе потврд став во преговорите со САД. Новиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи им се заблагодари на Иранците во пораката на 40-тиот ден од смртта на неговиот татко, ајатолахот Али Хамнеи.

Несомнено, вашите гласни извици на јавните плоштади имаат длабоко влијание врз исходот од преговорите. Исто така, влијателен фактор е зачудувачкиот број на учесници во кампањата Џад Фада, кој постојано расте, изјави Моџтаба.

Во кампањата се придружија различни религиозни и етнички заедници, од Зороастриската асоцијација на Керман до сунитските заедници низ целата земја, создавајќи моќна слика за национално единство. Тоа е сосема спротивно на тврдењето на САД и Израел дека со војната и со ликвидирањето на државните и верски лидери ќе поттикнат народно востание и ќе им „помогнат“ на Иранците самите да го соборат тиранскиот режим.

16 април 2026 - 09:02