20 компании одговорни за над половина од пластичниот отпад на светско ниво

Се работи за пластика за една употреба (шишиња, пакување за храна, кеси) која ја има во милијарди примероци и која се фрла после едно користење, често пати завршувајќи во океаните.

55% од овој отпад доаѓа од само 20 петрохемиски конгломерати како Ексонмобил, Дау и Синопек. На прво место по загадување во оваа категорија е Австралија, а зад нејзе се САД.

Истражувањето, спроведено од конзорциум во кој учествува и Лондонската школа за економија, го следи текот на пластиката низ синџирот за снабдување, почнувајќи од производителите на основните материјали потребни за производство на пластика за една употреба.

Материјалот, познат како полимер, главно се добива од преработка на фосилни горива, како нафта и јаглен.

Најголем загадувач е американскиот Ексонмобил, а понатаму, според загадување, се: Дау, Синопек, Индорама венчурс, Сауди Арамко, Петрочајна, ЛјонделБасел, Релајанс, Браскем, Алпек СА де ЦВ, Бореалис, Лоте кемикалс, ИНЕОС, Тотал, Џиангсу Хаилун петрокемикал, Фар Истерн њу сенчури, Формоса пластикс корпорејшн, Чајна енерџи инвестмент груп, ПТТ и Чајна ресурсес.

Според авторите, истражувањето покажува дека „иднината на кризата со пластичен отпад е во рацете на само 20 компании“.

„Тоа е извонредна точка на предност за законодавците и финансиските институции, за да влијаат врз нив и наместо да произведуваат пластика од фосилни горива, да произведуваат од рециклирана пластика,“ порачува директорот на фондацијата Миндеро, Доминик Чарлс, која го објавува извештајот.

18 мај 2021 - 10:59