Повеќе од една деценија Русија ги обновува врските со деловите на светот од кои се повлече по распадот на СССР (Блискиот Исток, Латинска Америка, Африка, Азија), посветувајќи посебно внимание на Кина, која сериозно ја помогна Русија по анектирањето на Крим и тогашните санкции од Западот.
На терен ова иако резултираше со три гласања на О.Н. за осуда на Русија кои успеаа и беа прифатени, пребројувањата покажуваат дека на државите кои не гласаа за овие одлуки отпаѓа повеќе од половина од светската популација.
„На кратко светот не е обединет во ставот дека руската агресија е неоправдана, ниту пак значителен дел од светот е волен да ја казни Русија за нејзините постапки. Всушност, некои држави гледаат и да профитираат од сегашната ситуација на Русија,“ пишува Ангела Стент во текстот за Форин полиси.
Бајрактар на „Остатокот“ е Кина, за која Стент проценува дека Русија знае дека ја има нејзината поддршка без разлика што ќе направи. На 4-ти февруари двете држави потпишуваат партнерство „без граници“ и даваат ветување дека ќе се спротивстават на западната хегемонија.
И во пракса Русија навистина има силна поддршка од Кина, без разлика дали е тоа воздржување од гласање или гласање против во О.Н. или поддршка од кинеските медиуми во повторување на руските ставови за „денацификација“ на Украина, надополнето со обвинувања дека САД и НАТО се одговорни за војната.
Иако врската се уште е силна, Пекинг сепак има одредена нелагодност околу војната бидејќи Кина е најголемиот трговски партнер на Украина, а во исто време заради интерес во односите со ЕУ и САД поголемите кинески финансиски институции до сега ги почитуваат западните санкции.
На второ место по Кина е Индија, најголемата демократија во светот и американски партнер во Квад безбедносниот дијалог (заедно со Јапонија и Австралија). Индија се исклучи од гласањето за трите резолуции на О.Н. и одби да воведе санкции против Русија. Индискиот премиер ги нарече убиствата во Буча „многу загрижувачки“, а нивниот амбасадор во О.Н повика на „независна истрага“, без притоа никој за убиствата да ја обвини Русија.
По зборовите на индискиот министер за надворешни работи, Русија останува „многу важен партнер во многу области“, што главно се однесува на руското оружје и нафта. Моментално Индија две-третини од своето оружје го набавува од Русија и е најголемиот купувач на оружје на Русија (ова делумно се должи и на тоа што САД одбиваат да ја снабдат Индија со оружје).
Важна функција на односите меѓу Русија-Индија и Русија-Кина е балансирање на непријателствата меѓу Индија и Кина, заради што двете држави и не се премногу наклонети кон гледање на Западните (американски) агенди, за сметка на своите проблеми.
Во дипломатските успеси на Путин се вбројува и руското враќање на Блискиот исток и воспоставувањето врски со двете страни на муслиманскиот свет (и сунити како Саудиска Арабија и шиити како Иран и Сирија) плус со Израел. Овие врски периодов се покажаа и посилни отколку децениското сојузништво што земјите го имаат со САД, па моментално Саудиска Арабија, Емиратите, Египет и Израел, се уште немаат наметнато санкции на Русија.
Во Африка, Русија се уште е олицетворение на СССР, кој на голем број тамошни држави им помага во нивната борба за независност и деколонизација од европските владетели. Во поново време, руските паравоени платеници од Вагнер групата даваат сериозна поддршка на неколку африкански влади кои имаат проблеми во контролирање на својата територија.
Успехот во јужната хемисфера Русија успева да го ископира и во Латинска Америка, каде Москва доби директна поддршка од едни (Куба, Венецуела, Никарагва), а други одбија да ја осудат инвазијата. Бразил прогласи „непристрасност“, а Болсонаро беше во посета на Москва кратко пред почетокот на инвазијата. Дури и најблискиот американски сосед, Мексико, одби да се приклучи кон американско-канадската осуда на инвазијата.
„Остатокот може претставува повеќе од половина од светската популација, но тоа е посиромашната половина, составена главно од многу неразвиени држави. Комбинираниот БДП, економска сила и геополитичка тежина на Западот е значително поголема од влијанието на овие држави кои одбија да ја осудат инвазијата или санкциите против Русија.
Без разлика на тоа, сегашните поделби меѓу Западот и Остатокот ќе оформат кој било светски поредок што ќе се појави по крајот на војната. Двете клучни држави се Кина и Индија, кои ќе осигураат дека Путин нема да биде меѓународно отфрлен по крајот на војната. Всушност, Индонезија, домаќинот на Г-20 самитот во ноември, порача дека присуството на Путин е добредојдено.
По крајот на ова брутална војна, САД ќе имаат зголемено воено присуство во Европа и веројатно перманентно ќе сместат свои војници во една или повеќе држави од источното крило на НАТО...
... Меѓутоа во оваа Студена војна од 21-от век, не-западните држави ќе одбијат да заземат страни како што тоа го направија во Студената војна. Движењето на независните од годините на Студената војна ќе се издигне во нова инкарнација. Овој пат Остатокот ќе ги задржи своите врски со Русија дури и ако Вашингтон и сојузниците го третираат Путин како одметник,“ пишува Стент.