Забрана за снимање атлетичарки од „вулгарни“ агли

Европскиот радиодифузен сојуз (EBU) објави ново упатство за преноси од атлетски натпревари. Камерите повеќе не треба да ги ловат атлетичарките од агли за кои смета дека го сексуализираат женското тело. Фокусот буквално треба да се префрли на спортските постигнувања. Критичарите реагираат: Спортот така ја губи улогата на величање на убавината на човековото тело.

Модерната технологија овозможува сите спортски натпревари, особено атлетските митинзи, да се следат од десетици мали камери кои целосно ја доловуваат дисциплината. Камери управувани од режијата снимаат и најситни детали, како линијата за одраз во скокот во далечина или се поставени на летвичката при скок со стап. Фокусот се задржува на фаворитите и на поатрактивните атлетичари, што се смета дека придонесува за популаризација на спортот.

ЕБУ оценува дека се претерало со сексуализацијата на спортистките. Во опширен документ на 23 страници „Кревање на летвата“ детално опишува кои агли се дозволени, а кои треба да се избегнуваат. Се критикуваат ниските агли на снимање, крупните кадри и снимките кои „не нудат ништо повеќе од чувство на натпреварувачите дека се соголени“. Се препорачува и поголема претпазливост при емитување снимки со забавено движење.

Упатството со илустрации што треба, а што не треба да биде во кадарот се однесува на неколку дисциплини, вклучувајќи скок во височина и во далечина, скок со стап и трчање.

Ова не е список на ограничувања. Упатството покажува како може да се избегнат најпроблематичните кадри без притоа да се изгуби од квалитетот на раскажувањето или од визуелниот квалитет, се наведува во насоките.

Глен Килејн, извршен директор на EBU Sport истакнува дека „сексуализацијата на спортистките преку селективни агли на снимање и монтажата е значајна грижа во многу спортски преноси“.

Изборот во режијата има длабоки последици. Снимките ја обликуваат перцепцијата на публиката преку пренасочување на вниманието од извонредните достигнувања и техничките вештини на спортистките и носат ризик од одржување на штетни стереотипи, тврди Килејн.

Британската олимпијка Холи Бредшо, која лично била жртва на злоупотреба на социјалните медиуми, вели дека сексуализацијата ги следи спортистите и надвор од стадионите.  Таа додава дека атлетичарките може да бидат деконцентрирани од позиционирањето на камерите, што влијае врз нивните резултати.

Реакциите на социјалните мрежи се поделени. Некои ги поздравуваат препораките, а други тврдат дека го уништуваат интересот за спортот. 

16 јули 2026 - 16:25