Фолксваген се согласил да плати 10,2 милијарди долари за да ја затвори американската епизода од скандалот со емисиите на штетни гасови на своите автомобили, пишува Вашингтон пост повикувајќи се на извори на АП.
Случајот одекна во 2015-та кога угледниот производител на автомобили призна дека во светов постојат 11 милиони нивни аута со софтвер кој ја лажира количината на издувни гасови. Ваквиот договор ќе значи компензација за 482.000 сопственици на дволитарски дизел Фолксвагени кои ќе добијат меѓу 1.000 и 7.000 долари за неопходни поправки како колата веќе не би испуштала 40 пати поголеми количини гасови од дозволените.
Освен овој трошок, компанијата се соочува и со казна од државата за прекршување на правилата која би можела да достигне 20 милијарди долари.
Ако 10 милијарди вредниот договор за обештетување мине кај судот, тоа ќе биде најголемиот износ кој досега го платил некој производител на автомобили. Генерал Моторс лани плати 900 милиони заради проблеми со палењето а Тојота во 2012 се испрси со 1,1 милијарда заради утврдените проблеми со педалата за гас.
Ама затоа БП лани мораше да извади 20 милијарди за обештетување плус 4 милијарди за кривичното дело во врска со излевањето нафта во Мексиканскиот залив.