Од 2014-та година, вкупно 23 холандски затвори се затворени или пренаменети за хотели, социјални центри и слично. Имаат само 54,4 лица зад решетки на 100.000 жители. Во 2008 година на затворски казни биле осудени 42.000 лица, лани 31.000. Од пред неколку години почнаа слободните затворски капацитети да им ги даваат на лизинг на Белгија и Норвешка.
Дел од приказната е општиот пад на стапката на криминал за цели 40% во период од една деценија. Има интересни детали во таа голема слика: на пример дека малолетничкиот криминал е намален и затоа што младите сè подолго се онлајн.
Разни се алатките со кои е дојдено до ваквиот развој на настаните (парични казни, судска медијација и сл), но една од најбитните е уникатната програма за рехабилитација, особено на оние со ментални проблеми кои чинат добар дел од криминалот.
„Јас сум Стефан но во мене постои и еден Боб. Тој ед лик од Твин Пикс, убиец кој им прави страшни работи на невини лица. Боб е оној кој ми вика „убиј го оној“. Кога пијам лекарства, Боб е мирен,“ вели Стефан Кониг, човек со долга историја на психози, осуден на повеќегодишна казна затвор заради обид за убиство на жена но кој веќе е во својот дом во Амстердам, под педантна контрола на надлежни служби од интердисциплинарен карактер.
Тој е еден од 1.300 лица кои во 2018 биле опфатени со оваа програма за рехабилитација и ресоцијализација, некои се во прифатни центри, некои дома, некои одат на работа и се дел од нормалниот живот. Да се биде дел од оваа програма потребно е да се заработи казна од најмалку 4 години затвор и да постојат големи ризици од рецидивизам.
Иако на контролирана слобода, со нив се работи на психолошките и други проблеми кои ги имаат.
„Работиме на две главни цели: како прво, да спречиме ново дело а како второ, да помогнеме околу психолошкото страдање и социјалните проблеми кои ги носат овие луѓе,“ вели форензичкиот психијатар кој му помага на Стефан. „“Не третираме само луѓе со депресија, имаме луѓе кои се сериозни психолошки ранети, аутисти, имаат тешки проблеми со учењето или пореметувања на личноста, често во комбинација со зависности, финансиски проблеми и слично“.