Јок ом

Турски студентски пленум

Илјадници студенти низ Турција протестираат заради најавата дека на нивните универзитети ќе се градат џамии. Немаат тие ништо против самите верски објекти, ако паралелно со нив се изградат и џедајски и будистички храмови.

Работата почна минатиот месец, откако ректорот на Истанбулскиот технички универзитет најави дека на кампусот ќе се гради голема џамија, а како резултат на „огромните барања" на студентската популација. Со тоа практично беше најавено првото градење на верски објект на студентски кампус во Турција.

Како реакција на неговата изјава повеќе од 25,000 луѓе потпишаа онлајн петиција во која се бара истовремено да биде изграден и будистички храм, кој би им служел на студентите од оваа религија. Истовремено, го окупираа универзитетот и побараа оставка на ректорот.

„Не можам да ги исполнам моите верски потреби затоа што најблискиот будистички храм е одалечен 2,000 километри, а паузата за ручек е прекратка за да стигнам до него", објаснува еден од студентите на сајтот на петицијата.

Друга пак петиција, иницирана од измирските студенти, е илустрирана со скриншот од „Војни на ѕвездите: напад на клоновите", а во неа се бара изградба и на ваков, џедајски храм на Универзитетот. „Во светот и во Турција има голем број џедаи, ама најголемиот проблем е што тие немаат соодветна обука", се вели во неа.

Откако дојде на власт во 2002, исламистичката партија на претседателот Ердоган е обвинувана од страна на нејзините секуларни опоненти за мешање во образованието и обид за наметнување задолжителни верски содржини уште од основно школо. Што се однесува пак до високото образование, планирани се џамии на над 80 универзитети, а еден од нив треба да биде пренаменет во центар за исламски проучувања.