Трамп повеќе нема да финансира опасни експерименти со вируси

Администрацијата на Трамп официјално се откажа од контроверзната политика на финансирање опасни истражувања на вируси. Во времето на докторот Ентони Фаучи, САД одобрија грантови од милиони долари за експерименти со „стекнување функции“ во недоволно безбедни лаборатории во Вухан, од кои најверојатно протече коронавирусот што предизвика пандемија.

Министерството за здравство објави дека ги запира грантовите и федералната поддршка за истражувања на „стекнување функции“ кај вируси во институти и лаборатории и во САД и во странство во кои не се применуваат најстрогите мерки за безбедност. Овие експерименти опфаќаат генетски модифицирања на организми за да подобрат некои негови карактеристики.

Ќе се воспостави построг надзор врз одредени истражувања на биолошките науки за кои владата ќе утврди дека би можеле да претставуваат значајни ризици за јавното здравје, за биолошката или за националната безбедност.

Федералната влада има должност да го заштити американскиот народ - а не да финансира истражувања што би можеле да ги доведат во опасност. Денес ја прекинуваме федералната поддршка за опасни истражувања со стекнување функции и го заменуваме слабиот надзор со јасни и применливи заштитни мерки, изјави министерот Роберт Кенеди Јуниор.

Во декември 2024 година, Подкомитетот за пандемијата на коронавирус на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом објави наоди од двегодишна истрага, во која се заклучува дека вирусот што ја предизвика пандемијата на ковид веројатно потекнува од лабораторија во Вухан, Кина.

Во обемен извештај на 520 страници беше наведено дека Националните институти за здравство на САД финансирале истражување за добивање функција на Институтот за вирусологија во Вухан (WIV) преку грантови за непрофитната организацијата EcoHealth Alliance Inc.

Комитетот заклучи дека ковид-19 поседува биолошки карактеристики што не се среќаваат во природата и дека епидемијата кај луѓето се проширила од еден единствен случај. Ова се разликува од претходните пандемии, при кои имало повеќе случаи на пренос од животни на луѓе.

Докторот Ентони Фаучи вчера имаше можност пред Сенатот на САД да објасни зошто Националниот институт за алергии и инфективни болести (NIAID) одобрувал грантови од милиони долари преку организацијата EcoHealth Alliance за опасни експерименти со вируси во лаборатории врз кои САД немаат надзор.

Поранешниот директор на NIAID реши да не одговара, за да не се инкриминира.

30 јули 2026 - 12:01