Тато и мама сакаа да се вика Хуан Пабло Ескобар Хенао. Подоцна го смени името и денес е Себастијан Марокин. Син е на колумбискиот нарко-крал од 80-тите години Пабло Ескобар, чиј лик и недела воскреснаа благодарејќи на двете сезони на хит-серијата на Нетфликс, Наркос.
Себастијан ја гледал и втората сезона и не е задоволен. Вика дека има во неа многу навредливи грешки.
Прво околу неговиот вујко, Карлос, кој бил мирољубив човек, а е претставен како важен играч во мрежата на Ескобар. Во серијата гине во една престрелка со Лос Пепес, кратенка од „Perseguidos por Pablo Escobar“ (Луѓе прогонувани од Пaбло Ескобар) една шарена банда бескрупулозни ликови, секој со свои мотиви да го ликвидира кралот, а разузнавачки помогнати од ЦИА. А Себастијан тврди дека бил фатен, мачен, убиен и оставен на јавно место, со потпис на Лос Пепес.
„Ако покажаа онолку лешеви од Лос Пепес, зошто не покажаа и како изгледаше вујко ми Карлос?“, прашува синот на Ескобар.
За него пишувавме и пред некое време околу дилемите кој навистина го има ликвидирано Пабло (види ја статијата "Кој од овие тројца го уби Пабло Ескобар?"), а овојпат, освен за вујкото, на Нетфликс не може да им прости и заради утката за кој клуб навивал татко му.
„Татко ми не беше за Атлетико Насионал туку за локалниот клуб од Меделин. Ако оние што го пишувале сценариотo не можеле да го погодат омилениот клуб на Пабло, како се осмелуваат да ја продаваат целата приказна како вистинита?“
Што ти е син.