На 2 декемри 1993 година, најбогатиот и најмоќен нарко бос на светот на сите времиња се обиде да избега преку покривот на куќата во Меделин во која се криел. Покосен е со рафал а тие што го гонеа не пропуштија да се фотографираат со него, понесувајќи ја и славата и опасностите кои една таква слава ги носи во земја како Колумбија.
Но, според извори од ривалските банди, разузнавачките документи и тврдења од самото семејство на Ескобар, тоа не е групата која е заслужна за крајот не Ел Патрон.
Кон крајот на 1989 година, по претходните дилови со колумбиските власти кои завршија срамно и понижувачки за вториве, тогашниот претседател Виргилио Барко решава да стави крај на компромисите и создава специјална единица (Одред за претрес) која ќе го лови Ескобар. На помош доаѓа и целата прљавштина од САД, со луѓе од ЦИА и ДЕА. Го бркаат пар години и според официјалната верзија, луѓето од овој Одред се оние кои го убиваат Пабло.
Но, според сознанијата на Марк Боуден, авторот на книгата "Убивањето на Пабло," во 1993 година во ловот по него се придружува една друга групација. Доста шарена по состав а пари не биле проблем: во неа биле луѓе од конкурентните картели, екс членови на картелот на Ескобар и секакви ликови кои по некој повод имале нерасчистени прашања со него. Се викале Лос Пепес, кратенка што доаѓа од називот "Луѓе прогонувани од Ескобар". Нуделе пари секому кој ќе помогне во неговото ликвидирање, без разлика дали тој работи во Владата или пак е човек кој убива за пари. Парите доаѓале од конкурентниот Кали картел а разузнавачката поддршка од Американците. Дневно во просек по 6 луѓе гинеле во меѓусебните пресметки со луѓето на Пабло.
По оваа втора верзија, Ескобар го има скинато братот на централната фигура во Лос Пепес, Дон Берна.
А според третата верзија, човекот кој му стави крај на Пабло Ескобар бил самиот Пабло Ескобар. Дека се самоубил за да не падне во зандана која нема да биде по негова мерка. Оваа верзија ја подгреа неговиот син Хуан Пабло Ескобар Хенао кој подоцна го смени името во Себастијан Марокин.
Тој инсистира дека татко му сам си го одзел животот бидејќи неколку пати го има слушано дека попрво ќе си пука во десното уво отколку да падне во рацете на полицијата. Смртната рана на нарко кралот беше прострелна рана во десното уво.