Синдромот на турско кафе

Целата приказна доаѓа од програмер роден и израснат во Украина, кој сега живее во Бруклин и јаде во турски ресторан во кој не служат турско кафе. И сето ова успева да го поврзе со неговите проблеми околу програмирањето.

Има два турски ресторани во близина на мојот дом. И двете се автентични места, кои ги раководат Турци и не се скапи. Го имаат вообичаеното мени: јагнешки шиш ќебап, адана ќебапи, бурек, шкембе чорба и свеж турски леб. Само една работа нема на менито: турско кафе.

Точно. Сум побарал повеќе пати, сум чул голем број други гости во ресторанот да побараат, само за да им биде кажано дека тоа не се служи. Неодамна еден мој пријател, исто така зачуден од овој очигледен пропуст, го праша келнерот зошто баш тука не се служи турско кафе. Келнерот, со извинувачки поглед, објасни дека порано служеле турско кафе, ама ова ги привлекувало локалните пензионери кои им ги зафаќале масите со само еден филџан кафе. Тој објасни дека сега истите тие луѓе се префрлиле во блискиот Данкин Донатс, каде не можеш да најдеш празна маса.

Пред да ја откријам мистеријата со кафето, јас и пријателот зборувавме за тоа одредени технолошки недостатоци кои не беа толку резултат на глупост, колку на речиси чиста злоба. Му ја раскажав мојата (сега веќе една деценија стара) теорија што ја викам "Reverse Hanlon's Razor". Мислам дека "Синдромот на турско кафе" е многу подобро име.

Разгледувајќи го дизајнот на ЦМС или некој кошмарен хостинг, се сеќавам на пасос од книгата на Елен Умлан:

"Најчесто изгледаш како водоводџија кој работи во стара куќа полна со прастари цевки кои пуштаат вода, што ги наместил некој одамна починат водоводџија, кој бил уште почуден од тебе. Најголем дел од времето го проаѓаш чешајќи ја главата и размислуваш: Зошто ли го направиле ова?"

Ок, некогаш е од глупост. Но многу почесто проблемот не е технички по природа. Често мотивот е политички или бизнис. Не е дека сопствениците на ресторанот не знаат како да направат турско кафе. Ѓезвиња и мелено кафе се продаваат во продавницата до нив. Не е ниту дека треба премногу време за да се направи кафето. Туку едноставно кириите во мојата населба се премногу високи и секоја маса е скапа, а кафеџиите имаат навика да се влечат.

21 септември 2013 - 13:15