
За да ја смири нервозата на жителите на Владивосток, локален службеник снимил група севернокорејски работници на градилиште како галат кучиња додека готват црвеникава манџа во голем казан.
Видете, во казанот нема крв, тоа е само зачинето кимчи (скиселена зелка). Ова не е ресторан, туку работен камп, порачува службеникот.
Останува нејасно како снимка на докажани љубители на кучешко, голем казан и кучиња на исто место може да ги успокои вознемирените Руси.
По социјалните мрежи во Владивосток се проширија многу тврдења дека исчезнуваат миленичиња. Како можни виновници брзо беа посочени Севернокорејците што илегално работат во пограничните региони во Русија, главно по рудници, градилишта и за сеча на шуми. Москва тајмс пред една недела објави дека „стотици“ Севернокорејци се примени на работа во магацините на Wildberries, руската верзија на американскиот синџир за продажба Амазон.
Кучешкото месо се смета за деликатес во Северна Кореја и често се служи во зачинета чорба со засладено месо „дангоги“, која е особено популарна во летните месеци. Се верува дека месото дава издржливост и ја поттикнува мажественоста.
Снимката сведочи и за кршење меѓународни закони. Во 2017 година, еден месец откако Пјонгјанг тестираше интерконтинентален проектил, Обединетите нации со резолуција им забрани на сите земји да вработуваат Севернокорејци. Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, ја потпиша резолуцијата 2371, но и очигледно ја игнорира.
Илегалниот увоз на евтина работна сила на Далечниот исток се зголеми откако почна воената инвазија врз Украина, бидејќи многумина работоспособни Руси беа ангажирани на фронтот или во воена резерва.
Северна Кореја испрати и единица од 12.000 војници да се борат за протерување на Украинците што упаднаа во регионот на Курск. Корејскиот институт за одбранбени анализи од Сеул проценува дека Пјонгјанг заработил дури 20 милијарди долари од поддршката за војната во Украина.