Германски печат

САД не го заслужуваат името

Соединетите Американски Држави се сè помалку достојни за своето име. Соединетоста се повеќе оди под тепих, а јазот меѓу белците и црнците е сè поширок, пишува германскиот печат по нападите во Далас.

Франкфуртер алемајне цајтунг:
"Овој напад веројатно уште подлабоко ќе го подели американското општество. Сега белците имаат причина да се плашат од расистички мотивирано насилство. Она што извршителот го кажа дека сакал да убива белци, пред сè бели полицајци, има потенцијал дополнително да ги затруе односите меѓу разните групи граѓани. Меѓу полицајците, меѓутоа и конзервативците, веќе подолго време кружи сфаќањето дека грешките на одредени полицајци неправедно му се припишуваат на колективот. Тие тврдат дека постои вистинска омраза кон силите на безбедноста. Од друга страна, голем број Афроамериканци по ужасот во Далас нема да ги заборават случаите на неоправдано и смртоносно насилство против младите црнци."

Берлинер цајтунг:
"Токму оние кои во едно демократско општество треба да се погрижат за безбедноста, да ги штитат животите на граѓаните и да ги гарантираат нивните права, за голем број Американци станаа закана или барем така се перципирани. Со право се плашат посебно црнците, но и Латиносите и останатите малцинства. Страв од белци, страв од полицајци. Black lives matter - црните животи се важни, така гласи слоганот на новото движење за граѓански права. Тоа во принцип е банален извик. Горкото сфаќање на нашето време е дека луѓето со овие барање мораат да излезат на улица, можеби и да загинат, и тоа во една земја која за себе тврди дека е земја на слободата."

Фленсбургер тагеблат:
"Наместо да се води неопходната дискусија за полициското насилство во САД, сега се зборува за жртвите во униформи. Заеднички именител на новите случувања е лесната достапност на оружје. Кога еден полицаец не може да знае дали некој човек е вооружен, неговиот прст е многу полесен на пиштолот отколку во други земји каде законите за поседување оружје се поостри."

Стандард (Виена):
"По протестите следуваат смирувачките зборови на политичарите и ветувањето дека сето тоа ќе биде истражено. Ако полицаецот кој пукал - а тоа често пати е случај - биде ослободен, тогаш доаѓа до нови демонстрации кои завршуваат со нови ветувања, на пример дека со тоа ќе се стави крај на доминацијата на белците во извршните органи во местата со црнечко мнозинство. И така до следниот леш. Меѓутоа сега беше пресврт. Без разлика кои беа мотивите за нападот во Далас, ова е прекршување, хм, на црно-белата слика според која извршител секој пат е бел полицаец, а жртвата секој пат е Афроамериканец."

Според авторот на текстот, многу се веројатни дополнителни заострувања, меѓутоа тој гледа и мала надеж дека ќе се стави крај затворениот круг на насилство откако и двете страни искусија како е да се биде жртва.

"Навистина минорни се шансите за ова, но сепак: Доналд Трамп до сега не се вклучи во пишување на твитови со омраза. Наместо тоа изјави сочувство - на семејствата на белите и црните жртви."

Манхајмер морген:
"Соединетите Американски Држави се сè помалку достојни за своето име. Соединетоста сè повеќе оди под тепих, а јазот меѓу белците и црнците e се поширок. Искуството од децениското изолирање и насилство распали брутално контра-насилство кое се демонстрира баш кога американското општество се раздвојува на сиромашни и богати како и Демократи и Републиканци. Кога Барак Обама како прв црн претседател на САД следната година ќе ја напушти функцијата, положбата на Афроамериканците ќе биде перципирана како полоша отколку пред мандатот на Обама. Згасна надежта која во 2009 ја разбуди првата изборна победа на Обама."

9 јули 2016 - 16:05