
До не толку одамна дефиницијата на информатичар беше прилично едноставна. Човек што работи со хардвер, дигитални мрежи или развива софтвер во централизирани информатички средини.
Тоа е минато. Денес тоа се технолози вклучени во речиси сите сектори, но со значително проширена одговорност и надградени вештини. Во фокусот се кибернетска безбедност, менаџмент на ризик и одбрана на дигиталните средства.
Мачната работа е делумно или целосно автоматизирана и ѝ е оставена на вештачката интелигенција. Работата на инженерите е олеснета на надгледување и оптимизирање на ВИ, но времето што им е заштедено мораат да го употребат за анализи и истражувања.
Денес ВИ користи секоја втора компанија со повеќе од 5.000 вработени. Во следните пет години фокусот ќе биде на генеративната вештачка интелигенција, во која се очекуваат инвестиции од 42 милијарди долари годишно.
Новата генерација „бизнис-технолози“ не мора да бидат обучени програмери, сè додека умеат да ги користат новите алатки.
Бизнис-ориентираните технолози прават долгорочни стратегии и ги насочуваат компаниите каква технологија да набават. Нивните одлуки помагаат за намалување на трошоците, зголемување на приходите, освојување на пазарот и подобрување на задоволството на клиентите, објаснува Дејвид Фути, експерт за консалтинг.
На пазарот на труд е зголемен интересот за работни места поврзани со портали за пребарување и компјутерска инфраструктура, а значително помалку се бараат технолошки консултанти. За таа работа се користи ВИ.
Генеративната вештачка интелигенција темелно ја промени улогата на програмерите, од кои сега се бара вештина да управуваат со новата алатка. Да умеат да проценат во кој процес е поефикасна вештачката интелигенција, а во кој е неопходна природната.
Со генеративна ВИ на помош, брзината на програмерите се зголемува и за 60%, но тие мора да совладаат нови вештини за преостанатите 40% од работното време. Како што брзо се развива улогата на ВИ, улогата на програмерите добива управувачки одговорности, вели истражувачот Арнал Дајартна.
За да ја оптимизираат продуктивноста, компаниите мораат постојано да ги надградуваат и вештините на програмерите и да ги опремат со ВИ од најновата генерација.
Истражување претставено на Светскиот економски форум покажува дека 85% од компаниите му даваат приоритет на надградувањето на вештините, 70% би вработувале нови луѓе, а 40% очекуваат да отпуштаат работници. Најбарани вештини се флексибилност, управување со ресурси, контрола на квалитетот и технолошка писменост.
Јазот се зголемува. Надградувањето и обуката лани ни приближно не можела да ја следи зголемената побарувачка од 2.000% на работници со ВИ вештини. Дури 39% од вработените се убедени дека до 2030 година ќе бидат технолошки вишок поради брзите промени. Речиси еднаков дел не чувствуваат дека нивните компании им нудат можност да напредуваат.