Пирамидите на реновирање

Крајно време беше, реагираат туристите што ги посетиле Пирамидите во Гиза на најавата дека ќе биде реновирана најголемата туристичка локација во Египет. Нема да се малтерисува фасадата ниту ќе се копаат нови тунели, но ќе мора да се расчистат ѓубрето, турканиците и сообраќајниот хаос околу единственото светско чудо од антиката што преживеало до денес.

Египет вложува 51 милион долари за реконструкција, чистење и нови туристички содржини и инфраструктура околу Пирамидите во Гиза, кои се важен извор на приходи за земјата.

Повеќето од речиси 15 милиони туристи што секоја година ги посетуваат Пирамидите се разочарани од состојбата во кое се наоѓа Светското наследство на УНЕСКО. Се жалат на турканици, неорганизирани посети, лошо одржување и управување, агресивни продавачи, дури и на суровиот однос кон животните.

Групи за етичко постапување со животни наведуваат секојдневни случаи на клоцање, камшикување и изгладнување камили и коњи.

Ги јаваат буквално до смрт, а потоа ги фрлаат како ѓубре. Пирамидите во Гиза треба да ја симболизираат убавината и историјата на Египет, изјави Џејсон Бејкер од ПЕТА.

Нагиб Савирис, основачот на компанијата за забавни услуги Ораском Пирамиди, објави дека ќе бидат реставрирани неколку гробници, ќе биде воведен онлајн систем за продажба на билети и ќе биде обновен центарот за посетители.

Се пробива нов приод за да се намали сообраќајниот метеж. Вкупно 45 електрични автобуси ќе им бидат на располагање на туристите на секои пет минути. Уличните продавачи ќе бидат издвоени во посебна зона.

Проектот „Гиза 2030“ предвидува спојување со Големиот египетски музеј, кој официјално ќе биде отворен за посетители на 3 јули. Целиот комплекс ќе биде поврзан со пешачки зони, хотели и галерии.

28 април 2025 - 20:50