Има речиси 2 милијарди луѓе на планетава зависат и оправдано користат флаширана вода бидејќи немаат пристап до никоја друга. Како што пишува Британскиот медицински журнал, за сите други едноставно е полесно да купат вода во пластика, во добар дел поттикнати дека таа е побезбедна од водата од чешма.
Научниците објаснуваат дека флашираната вода не секогаш е предмет на исти ригорозни провери и безбедносни стандарди како оние што ги минува водата од чешма, плус флашираната секогаш доаѓа со ризик за протекување на микропластика од шишињата што ги користи, посебно ако се чува долго време или е изложена на сонце.
Од БМЈ потсетуваат дека загадувањето со микропластика се поврзува со оксидативен стрес, дерегулација на имунитетниот систем и промени во нивоата на масти во крвта. Висока изложеност на БПА се поврзува со проблеми во подоцнежни години, како висок крвен притисок, срцеви заболувања, дијабетес и дебелина.
Вон директното здравје, проблематичноста на флашираната вода е и во тоа што пластичните шишиња се еден од најголемите загадувачи на планетава, и на нив отпаѓаат 12% од целиот пластичен отпад. Само 9% од шишињата се рециклираат, а останатите завршуваат во депонии, се согорувани или се извезуваат во посиромашни земји.
Освен на крајот од животниот век, и самото создавање на овие шишиња ја загадува животната средина.
Препораката на научниците е имајќи ја предвид штетата што ја прават и здравствено и финансиски и еколошки, под итно треба да се преиспита масовното користење на пластични шишиња, и да се почне со приоретизирање на пиењето вода од чешма „како столб на еколошката одговорност и јавното здравје.“