„Таков огромен потфат е оправдан само ако стварно нешто излезе од него. Ама на страна надуените декларации за намера и грандиозните ветувања, конференциите на О.Н. практично ништо немаат постигнато веќе четвртина век.
Испуштањето ЦО2 низ светот и понатаму продолжува да расте без речиси никој да го проверува, а во моментот кога ќе завршат годишните говори, големите климатски грешници како Кина и САД ги испраќаат своите емисари да финансираат нови рудници за јаглен во Африка или да ја убедуваат Саудиска Арабија да ја симне цената на нафтата,“ пишуваат Филип Фриц и Даниел Вецел во германски Велт.
Сето ова кажано погоре важи и за актуелниот ЦОП24 самит во полско Катовице, каде неефикасноста на конференциите против климатски промени „е доприлива“. Гутереш во говорот на отворањето се пожали дека само 17 од 190 држави се на пат да го остварат она што го ветија во Париз во 2015, додека во пракса работата само се влошува имајќи предвид дека дури и да се исполни сето она што е ветено во Париз нема да биде доволно за да се достигне таргетот од намалување на температурата за 2 степени Целзиусови.
Еден од предлозите за справување со неефикасноста е комплетно да се укинат климатските самити, но не и глобалните преговори на темата, па тоа што Бразил неодамна реши да ја повлече својата покана за организирање на конференција за климатски промени во 2019, „треба да се искористи за ставање крај на оваа непродуктивна гужва во која се имаат претворено годишните самити.“
Предлогот на германскиот министер за развој, Герд Милер, кој раководеше со организирањето на ланската климатска конференција на О.Н. во Бон (што ја чинеше Германија 60 милиони евра) е овие конференции да се закажуваат еднаш на две години, и да бидат ефикасни. Според него важно е експертите да продолжат континуирано да работат и соработуваат, а политичарите може еднаш на две години да одат да се исликаат и да изразат добри намери.
„Само не е јасно дали доволен број политичари во О.Н. ќе ја поддржат идејата која им ускратува секоја година да бидат во центарот на вниманието,“ се порачува во текстот за Велт.