Намалувањето на нивоата на растворен кислород во океанот, морињата, езерата, реките и потоците влијае на девет клучни природни процеси дефинирани во рамката за Планетарни граници, која ги идентификува еколошките процеси неопходни за одржување на стабилна и отпорна планета. Човековата активност ги турка овие системи надвор од безбедните услови.
Деветте планетарни граници се климатските промени, киселоста на океаните, губењето на биолошката разновидност, оптоварувањето со атмосферски аеросоли, осиромашувањето на стратосферскиот озон, промената на слатките води, промената на копнениот систем, хемиското загадување и биогеохемиските текови.
Како што нивоата на кислород опаѓаат, тие можат да ги нарушат биолошките и хемиските процеси што помагаат во регулирањето на климата на Земјата. Ова опаѓање, исто така, ги загрозува организмите во рамките на водните мрежи на исхрана, почнувајќи од микроскопскиот живот до рибите и ајкулите.
Последици може да има и за морските цицачи, иако тие дишат воздух на површината. Губењето на кислород може да го намали или расели нивниот плен, да ги оштети живеалиштата и да ги измени мрежите на исхрана од кои зависат.

Целта на новото истражување спроведено од Институтот за океанографија „Скрипс“ при Калифорнискиот универзитет во Сан Диего била да се подигне профилот на водната деоксигенизација како глобална закана и да покаже дека таа не функционира изолирано.
Здравјето и стабилноста на нашата планета зависат од здравјето и стабилноста на водните екосистеми, на кои им е потребен кислород за нормално функционирање, вели Ерика Ферер, главен автор на студијата.
Како што се намалува концентрацијата на кислородот во водите на копното, така се намалува и изобилството на повеќеклеточен живот и процесот на доставување кислород до микробите, што може да ги намали стапките на реминерализација да предизвика промени во квалитетот на свежата вода.
Потребни се континуирани квантитативни анализи за да се определи дефинитивна глобална граница за водната деоксигенација, но тврдиме дека сегашните стапки на глобална загуба на кислород ги надминуваат безбедните нивоа на промена, заклучуваат авторите на студијата.