Нееднаквоста е една од историските константи на човештвото. Докази за нејзино постоење има од камено доба - пред 30.000 години ловечки дружини на територија на денешна Русија закопувале некои свои членови во гробови полни монистра од слонова коска, алки и друг накит, додека други соплеменици добивале само празна дупка во земја.
Па сепак, општеството базирано на лов било поегалитарно од сите други што следувале, што е и логично со оглед на тоа што луѓето во ловечко-собирачките заедници имале многу малку свој имот. Како што велеше Жан-Жак Русо, првиот човек кој оградувајќи парче земја рекол „Ова е мое!“, е вистинскиот виновник за злосторствата, војните и убиствата кои следеле за тоа нешто да остане само „мое“, или само „наше“.
Во текот на земјоделската револуција имотот се зголемувал, а со тоа и нееднаквоста. Општествените заедници почнале да стануваат ригидно хиерархиски, а малу бројната елита во нив го монополизирала најголемото богатство, пренесувајќи го од една на друга генерација.
Луѓето почнале да го прифаќаат ова како нешто природно, па дури и предодредено од Бога. Хиерархијата не била сфаќана само како норма, туку и како идеал. Како инаку би имало ред, ако нема јасна разлика помеѓу аристократите и „обичните“, помеѓу мажите и жените, родителите и децата?
Кон промовирање на оваа идеја придонеле свештениците, филозофите, поетите, кои сликовито им објаснувале на „попростите“ дека исто како што постои хиерархија во деловите на човечкото тело (нозете ја слушаат главата), така и на човечкото општество му требаат мудри главешини, кои по редот на нештата никако не можат да бидат еднакви со останатите.
Па сепак, во доцната модерна ера, еднаквоста стана најважната и најдоминантна вредност. Ова делумно се должи на подемот на новите идеологии, како хуманизмот, либерализмот и социјализмот, а секако и на индустриската револуција, која ги направи масите позначајни од кога и да е претходно во историјата.
Индустриските економии се потпираат на маса обични работници а индустриските армии на маса обични војници. Тоа е огромен дел од причините за тоа што властите и во демократиите и во диктатурите инвестираа во здравјето и добробитта на масите, бидејќи им беа потребни милиони здрави работници да работат во фабриките и милиони здрави војници да служат во армиите.
Така, светот до 2000-тата беше место во кое луѓето се поеднакви во смисла на класа, раса и пол отколку во 1900-тата. Цели генерации се растени на ветувањето дека овој тренд ќе продолжи и во 21 век, дека глобализацијата ќе значи ширење на економски просперитет и демократски слободи.
Но сега изгледа дека ова ветување беше лага, пишува Јувал Ноа Харари, професор на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим и автор на две книги од областа на историјата.
Глобализацијата има придонесено за подобар живот на големи сегменти од човештвото, но постојат знаци на растечка нееднаквост, како помеѓу општествата, така и внатре нив. Додека одредени групи се повеќе ги монополизираат плодовите од глобализацијата, милијарди луѓе остануваат со празни раце. „Масите“, кои ѝ беа потребни на индустриската револуција, сега стануваат излишни. На пост-индустриското општество му се потребни мал број високо професионализирани поединци. На пример место бројна армија, денес е потребен мал број високо обучени војници кои користат автономни дронови и други хај-тек оружја или софтвер. Во таа смисла, повеќето луѓе и денес се воено бескорисни.
Нешто слично наскоро може да ѝ се случи на економијата. Како што вештачката интелигенција напредува, така таа ќе ги заменува човечките работни места. Луѓето во основа имаат два типа вештини - физички и когнитивни, па ако компјутерите успеат да ги надминат луѓето во двете области, тие ќе можат да постигнуваат подобри резултати и на старите, но и на новите работни места кои допрва ќе се отвораат. Наскоро ќе бидеме сведоци на огромна нова класа: онаа која станала бескорисна.
Еден конкретен пример: транспортот. Денеска тој се состои од илјадници камионџии, таксисти, шофери на автобуси и сл. Ако се синдикално јаки, можат да се дигнат на штрајк и да парализираат една земја заради исполнување на некои свои барања.
Фаст форвард едно 30 години: сите возила се со автономно управување, една компанија ги контролира алгоритмите на целиот транспортен систем. Сета економска и политичка моќ која некогаш ја имаа илјадниците шофери сега е во рацете на една компанија, во сопственост на еден или шака милијардери. А кога таа маса (на шоферите мислиме) ќе го изгуби своето економско значење и политичка моќ, државата ќе изгуби и дел од волјата да инвестира во нивното здравје, образование и добробит. Тие стануваат одвишни, а нивната иднина ќе зависи од добрата волја на малубројната елита. Таа можеби со децении ќе покажува извесна великодушност кон нив, но во случаи на кризи - да речеме климатска катастрофа - ќе им биде лесно да решат кој е вишок товар на бродот.
Ова не е единствената причина зошто човечките општества во 21 век би можеле да бидат најнееднаквите во историјата. Со рапидниот развој на биотехнологијата и биоинженерингот можеме да дојдеме до момент во кој економската нееднаквост ќе се прелева во биолошка. Биотехнологијата наскоро ќе овозможи инженеринг на мозоците и телата, надградба на нашите физички и когнитивни способности. Секако, ваквите третмани ќе бидат скапи, и достапни само на оние од високата класа, па човештвото може да се подели во две биолошки касти.
Низ историјата, богатите замислувале дека имаат супериорни вештини во однос на сите останати. Најчесто не било вистина. Супериорноста се должела само на неправичниот економски и правен систем. Па сепак, до 2100-та, богатите ќе имаат шанса реално да бидат поталентирани, покреативни и поинтелигентни отколку оние кои живеат по гетата. Откако ваквиот јаз еднаш ќе биде отворен, неговото ширење веќе нема да може да се спречи. Внуците на тајкуните од Сицилиумската долина ќе можат да станат супериорна биолошка каста, која ќе ги контролира мастер-алгоритмите.
Но што кога вештачката интелигенција целосно ќе ги преземе работите, па сето човештво ќе стане излишно? Во моментов тоа никако не можеме да го замислиме, а ни да ги предвидиме сите можни сценарија кои би произлегле од ваквиот развој на технологијата. Како што индустриската револуција од 20 век создаде и комунистички диктатури и фашистички режими и либерални демократии, така и сегашните технолошки пронајдоци можат да доведат до различни видови на општества во иднина.
Она што е сигурно е дека подемот на вештачката интелигенција и на биотехнологијата ќе го трансформира светот, но и дека од ова не може да произлезе еден единствен, предвидлив резултат. Тоа истовремено значи дека постои мала, но сепак значајна шанса за наше активно залагање за некое сценарио, при што едно од нив би можело да биде поправедно и порамноправно од останатите.