Во својата „мисија“ да го намали бројот на невработени млади луѓе, новиот британски премиер Енди Бурнам претстави план за отворање повеќе патеки за децата кон техничко образование во рана фаза од нивното школување. Покрај поголемата вработеност, целта е да се растовари од трошоци системот за социјална помош.
Бројот на лица на возраст од 16 до 24 години кои не се вработени, ниту се вклучени во образование или обука (категорија позната како NEET) годинава за првпат надмина 1 милион по повеќе од една деценија. Стапката од 1 невработен од секои 8 млади луѓе во Британија расте значително побрзо отколку во другите земји.
Основа на проектот ќе биде извештајот на Алан Милбурн, поранешниот лабуристички министер за здравство, кој е задолжен да ја разгледа кризата со невработеноста. Неговиот извештај се очекува да биде објавен наесен.

Милбурн тврди дека првите знаци оти некое дете ќе испадне од пазарот на трудот се видливи „уште во предучилишната возраст“.
Знаците за предупредување се присутни уште од многу рана возраст. Основните училишта дефинитивно треба да ги препознаваат децата што се изложени на ризик да станат дел од категоријата NEET, изјави Милбурн.
Некои училишта веќе користат алатки (Roni) што одредуваат индикатор за ризик од NEET, но оваа практика не е широко распространета, ниту пак е задолжителна.
Како „поврзани фактори“ што го зголемуваат ризикот за невработеност, тој ги наведува сиромаштијата, менталното здравје и престојот во систем за социјална грижа.
Моментот кога еден млад човек ќе стане корисник на социјална помош всушност укажува на пропуст во раната фаза на системите за образование, развој на вештини и здравствена заштита. Функционален систем би можел да му помогне на тоа лице да најде работа, вели Милбурн.
Во делумниот извештај објавен во мај, Милбурн предупреди дека зачестеното отсуство од наставата за 3,9 пати го зголемува ризикот за ученикот да стане дел од категоријата NEET и за 6,3 пати го зголемува ризикот да не може да заработува или да го продолжи образованието кога ќе наполни 16 до 18 години. По наметнатата изолација во времето на пандемијата на ковид, бројот на ученици што пропуштаат најмалку 10% од наставата достигна 1,3 милиони.