Младите, ведро

Без разлика на се што се случува во моментов, младите (од 18 до 30 години) сметаат дека иднината ќе биде добра, и најдлабоко се уверени дека можат да го променат светот (на подобро) и нивната околина.

Главна грижа на младите е лошата економија, ама тие и понатаму веруваат дека имаат подобар квалитет на живот отколку генерацијата на нивните родители. Главниот заклучок на истражувањето на Телефоника (12.000 испитаници од 27 држави) е дека: оваа генерација има многу надеж, и покрај огромниот број на глобални кризи кои ги чекаат.

Анкетирани се млади од Северна и Латинска Америка, Европа, Азија, Средниот Исток и Африка. Дел од резултатите се:

- Американските млади се загрижени за ефектите од глобализацијата. 58% веруваат дека глобализацијата создава шанси само за одредени индивидуи, а 76% веруваат дека аутсорсингот на американските работни места е лошо за економијата.

- Оваа генерација на глобално ниво се согласува за вредноста на технологијата: 83% веруваат дека технологијата го олеснила наоѓањето на работа, а 87% сметаат дека таа го олеснила надминувањето на пречките. Во исто време, 62% веруваат дека технологијата ја зголемила разликата меѓу богатите и сиромашните.

- Друга работа околу која се согласуваат се: проблеми со владата. Во секој регион во кој била спроведена анкетата, мнозинството се согласувало дека власта не ги рефлектира нивните вредности и верувања.

- Економијата е главна грижа на младите на глобално ниво, меѓутоа најзагрижени се во САД, каде 46% од испитаниците сметаат дека економијата е најважното прашање, додека 12% сметаат дека тоа е образованието. Во Западна Европа грижата е за економијата (34%) и социјалната нееднаквост (15%). На Средниот Исток и Африка, анкетираните најмногу биле загрижени околу тероризмот (19%) и политичките немири (13%).

- 62% од испитаниците верувале дека можат да направат разлика на локално ниво, а 40% сметаат дека можат да променат нешто на глобално ниво.

29 јуни 2013 - 19:11